„Принцот е психопат, сакаше да го убие кралот“ Саудиски разузнавач ги откри тајните на семејството

Саудискиот принц/ Фото EPA-EFE/WILL OLIVER / POOL

Саудискиот престолонаследник Мохамед бин Салман предложи да се користи „отровен прстен“ за да се убие покојниот крал Абдула, тврди поранешен висок саудиски разузнавач. 

Во интервју за Си-Би-Ес, Саад ал-Џабри, кој побегна од Саудиска Арабија во мај 2017-та година и живее во егзил во Канада, откри дека Мохамед бин Салман му рекол на својот братучед во 2014-та година дека сака да го стори тоа за да го расчисти патот до тронот на неговиот татко, полубрат на кралот.  

Психопат и убиец 

Во земјата постоеле тензии околу наследувањето на тронот во тогашното владејачко семејство, а саудиската влада го нарекла Џабри „дискредитиран поранешен функционер со долга историја на измислици зад себе“. 

Во своето интервју за Си-Би-Ес, Џабри предупреди дека престолонаследникот е „психопат и убиец без емпатија и личност која претставува закана за својот народ, Американците и планетата“.  

Тој откри дека на состанокот одржан во 2014-та година, му предложил на својот братучед, принцот Мохамед бин Најеф, тогашниот министер за внатрешни работи, да го организираат убиството на кралот Абдула.  

Отровен прстен од Русија 

Му рекол – „Сакам да го убијам кралот Абдула. Добив отровен прстен од Русија. Останува само да му подадам рака и се ќе биде готово“, изјави Џабри и додаде: „Можеби само се фалеше, но звучеше доста сериозно кога го говореше тоа“.  

Средбата била тајно снимена, а тој знаел каде се двете копии од тие снимки. Абдула починал на 90-годишна возраст во 2015-та година, а него го наследил неговиот полубрат Салман, таткото на Мохамед бин Салман, кој го назначи Мохамед бин Најеф за наследник на тронот.  

Во 2017-та година тој беше заменет од Мохамед бин Салман како престолонаследник.  

Тој, исто така, ја загуби титулата министер за внатрешни работи и му бил одреден домашен притвор, пред да заврши во притвор минатата година поради неидентификувани обвиненија.  

Саад ал Џабри побегнал во Канада откако бил соборен Мохамед бин Најеф. Во едно интервју, тој исто така откри дека пријател од разузнавачката служба на Блискиот Исток го предупредил дека Мохамед бин Салман го испраќа својот саудиски тим убијци да го убијат во октомври 2018-та година, само неколку дена откако саудиски агенти го убија саудискиот новинар Џамал ​​Кашоги во Турција. Тим од шест лица убијци слета на аеродромот во Отава, но биле депортирани откако царинските службеници утврдија дека носат „сомнителна опрема за ДНК анализа“. 

Мохамед бин Салман/ Фото EPA-EFE/ALEXEY NIKOLSKY/

Семејна афера 

Минатата година Џабри го обвини престолонаследникот за обид за убиство во граѓанска тужба поднесена пред федералниот суд на САД, но принцот ги отфрли обвиненијата.  

Тој, исто така, негираше каква било вмешаност во убиството на Џамал ​​Кашоги, иако американските разузнавачи процениле дека тој ја одобрил операцијата.  

Во соопштението испратено до Си-Би-Ес, саудиската амбасада во Вашингтон го опиша Џабри како „дискрредитиран поранешен функционер со долга историја на измислување за да ги прикрие финансиските злосторства што ги направил“. 

Џабри беше близок советник на Мохамед бин Најеф, поранешен престолонаследник и министер за внатрешни работи во притвор во Саудиска Арабија, кој се сметаше за потенцијален политички ривал на принцот Мохамед. Кога Бин Најеф бил соборен, Џабри побегнал во Канада.  

Во март 2020-та година, саудиските власти ги уапсија неговиот син Омар и ќерката Сара за да го принудат да се врати во Саудиска Арабија. Минатиот ноември, два месеци откако нивниот татко го тужеше престолонаследникот, судот во Саудиска Арабија ги осуди братот и сестрата на девет, односно шест и пол години затвор за перење пари и „обид за бегство“ од земјата. Тие ги отфрлија обвинувањата. Судот на крајот ги потврди нивните казни на тајното рочиште на кое не присуствуваа. 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот