Примирје по престрелката на киргистанско-таџикистанската граница, ранети се 11 војници од Киргистан, а убиени двајца цивили од Таџикистан

Киргистански војници Киргистан
Киргистански војници / Фото: EPA-EFE/IGOR KOVALENKO

Единаесет киргистански војници се ранети во престрелката на границата со Таџикистан, соопшти Министерството за здравство на таа земја.

Судирите на границата меѓу Киргистан и Таџикистан траеја неколку часа, а примирјето е постигнато по преговори меѓу претставниците на двете земји, синоќа околу полноќ по московско време.

Таџикистан денеска соопшти дека двајца нивни граѓани биле убиени, а 10 повредени за време на ноќните судири на спорната граница со Киргистан, каде што сега е воспоставен прекин на огнот.

Како резултат на последниот конфликт, „10 лица се повредени на таџикистанска страна, од кои шест војници, а четворица цивили“, се вели во соопштението на Комитетот за национална безбедност на Таџикистан.

Во соопштението се додава дека двајцата загинати се маж роден во 1986 година „убиен од минофрлачка граната испукана од киргистанските војници во неговиот двор” и возач на Брза помош роден во 1964 година.

Претходно киргистанската гранична служба соопшти дека таџикистанската страна користела минофрлачи, а до конфликтот дошло откако жители на Таџикистан го блокирале патот меѓу провинцискиот центар Баткен и киргистанското село Исфан.

Граничарите од двете страни успеале да го одблокираат патот, но потоа дошло до размена на оган. Киргистанско-таџичката граница повремено станува конфликтна зона поради неразграничени делови.

Извор: МИА

Видео на денот