Примариус Сузана Камберова, специјалист дерматолог: Зимата носи вирусни осипи по кожата

Примариус Сузана Камберова, специјалист дерматолог

Бидејќи често се среќаваат и се причина за вознемиреност кај родителите и недоумица кај лекарите кои го лекуваат детето, корисно е да се разјаснат некои основни поими во врска со овие болести.

Честа појава во зимската сезона се бројните вирусни заболувања, кои пред сè, ги напаѓаат децата, а се манифестираат со промени на кожата во вид на осип. Бидејќи често се среќаваат и се причина за вознемиреност кај родителите и недоумица кај лекарите што го лекуваат детето, корисно е да се разјаснат некои основни поими во врска со овие болести.

Симптоми

Вирусните осипни заболувања се причинети од разнородни вируси и може да имаат различни симптоми. Заедничко им е што после различниот период на инкубација, кој може за разни вируси да трае од неколку дена до неколку недели, во моментот кога ќе настане т.н. фаза на виремија (кога вирусот со крвта се проширува, од местото на влез, на пример, грлото или дишните патишта, до сите други органи во телото) по кожата на телото се појавува осип. Осипот се гледа јасно, вообичаено започнува од главата и лицето, па во текот на наредните ден-два се проширува, првично на градите и на грбот, за на крај да стигне до долните делови на екстремитетите – дланките и стапалата.

Ваквото ширење е познато како „туш“ бидејќи од горе надолу се движи осипот како водата при туширање.

Пред да настапи осипот или во првите денови на неговото избивање, вообичаено е детето да има и други симптоми, како зголемена телесна температура, болки во грлото, малаксаност, истоштеност, главоболка, повраќање, пролив и слично, но понекогаш ништо од ова не може да се најде. Исто така, постојат и промени во крвната слика, се зголемуваат белите крвни зрнца од групата лимфоцити, кои вообичаено се во пораст кога организмот е нападнат од вирус. Затоа е препорачливо, секогаш, доколку се јават кај детето симптоми како погореопишаните, да се направи лабораториска анализа на крвта, која ќе ни помогне да се потврди оваа дијагноза.

Разлика меѓу вирусниот осип и алергискиот осип

Проблем во праксата настанува најчесто кога треба да се разликува вирусниот осип од алергиски причинет осип. Често се случува, особено доколку пред појавата на осипот се појавиле веќе општите симптоми, како висока температура, црвено грло и слично, на детето да му се препише некој лек за намалување на температурата или, пак, антибиотик, и потоа, кога ќе настане осипот, да не може со сигурност да се разликува, дали се работи за алергија на лек или за вирусен осип. Во оваа фаза на болеста помага консултација со лекар дерматолог со искуство, кој најчесто има улога во разликувањето на овие две состојби, со клинички преглед. Самото вирусно заболување, инаку, повеќе спаѓа во домен на лекување на педијатар или инфектолог.

Повеќето детски вирусни заболувања се со лесна форма, траат неколку дена и поминуваат без последици. Важно е, сепак, да се знае, дека не се работи за болест само на кожата, туку дека таа е само оној видлив дел од заболувањето. Како што настанале промени на кожата, така вирусот причинил слични промени и во внатрешните органи, па добро е детето да биде прегледано од педијатар и под опсервација за да се исклучи можност од настанување на компликација (на белите дробови, црниот дроб, панкреасот и др.).

Не постои специфична терапија

Улогата на дерматологот е повеќе да укаже на една ваква можност и да ги едуцира родителите дека секоја вирусна болест треба да се сфати сериозно, дури и кога детето се чувствува релативно добро. Специфична терапија за вирусни болести не постои, треба да се дава исхрана богата со витамини, повеќе течност, и детето да не се заморува физички во тој период. Антибиотици се вклучуваат само доколку настане влошување или компликација од страна на некој орган, односно, доколку воспалението што започнало како вирусно, создаде услови да се појави и бактериско воспаление.

Спомнавме дека разни вируси даваат промени на кожата. Во групата вируси што даваат осипи, се вбројуваат бројни вируси, како одредени серотипови на парвовируси, ентеровируси коксакивируси, риновируси, хумани херпесвируси и други. Промените по кожата можат да се во вид на дифузен осип (како кај скарлатина), во вид на розови папули или поголеми дамки, кои на места се спојуваат и така зафаќаат поголеми површини, може да се јават и мали меурчиња по кожата, кои некогаш се локализирани само на дланките, табаните и во устата како афти и друго. Кај одредени вируси, на пример, се јавуваат и покарактеристични клинички слики како црвенило на образите т.н. како „удар од шлаканица“ на лицето, а по натколениците и надлактиците се јавува црвен осип во вид на мрежа.

Бројни се варијациите во изгледот на осипот и секогаш е најдобро детето да се прегледа од лекар специјалист. Вирусните болести може да се придружени со зголемени лимфни јазли по целото тело, а некогаш и со зголемен црн дроб и слезинка. Сето ова ни укажува дека се работи за заболување што не треба да се сфати премногу несериозно.

Повеќето детски вирусни заболувања се со лесна форма, траат неколку дена и поминуваат без последици. Важно е, сепак, да се знае, дека не се работи за болест само на кожата, туку дека таа е само оној видлив дел од заболувањето. Како што настанале промени на кожата, така вирусот причинил слични промени и во внатрешните органи.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот