Прилепските градинки се полнат, по една година се отвораат и градинките во селата

Фото: Архива

Секојдневно се зголемува интересот во Прилеп за згрижување на децата во шесте градинки во градот, а  првпат од почетокот на пандемијата се отвораат постепено и четирите градинки во околните населени места. Родителите се интересираат да се згрижат децата, па од 600 места кои се предидени според протоколите, досега се пополнети 560.

Како што објаснува Орце Тодоровски, директор на ЈУ детски градинки „Наша иднина” – Прилеп секојдневно се бара место повеќе и тоа смета се должи на сигурноста и безбедноста што ја нудат градинките. Првпат по една година, има интерес за градинките во населените места.

Од вкупно 600 деца, според протоколите во моментов се згрижени 560 деца. Побарувачката на место во градинките секојдневно е поголема. Имаме формирано две нови воспитни групи, се договараме за уште две. Зголемениот интерес се темели на безбедноста и сигурноста што ја чувствуваат родителите да ги згрижат децата во градинките. Во градинките строго се придржуваме на протоколот: не смее да влезе ниту едно надворешно лице, децата се изолирани од надворешни влијанија 11 часа, хигиента е на највисоко ниво. Се практикуваат сите дезинфекциски средства, деновиве имавме дезинфекција по седми пат. Овие денови имаме побарувачка и од населените места каде се четири градинки. Во Големо Коњари имаме седум деца, а според протоколот ќе бидат згрижени максимум 12 деца.  Во трите други градинки очекуваме секој момент да не повикаат, ние сме подготвени, како и персоналот, вели Тодоровски.

Дениса Божиноска, е мајка на 4 и полгодишно дете. На почетокот на пандемијата таа изразувала скептичност како и колку ќе бидат згрижени децата во градинка, но, сега, вели е задоволна.

– Секојдневно детето го носам во градинка. Задоволна сум. Хигиената е на високо ниво и грижата. Добро е засега, вели Божиноска.

Во градинките строго внимаваат на евентуалната зараза и изолацијата.

– Во моментов имаме две воспитни групи во изолација, што се околу 30 деца, имаме позитивно едно детенце како и две негувателки и две воспитувачки, вели Тодоровски.

Инаку, континуирано се инвестира во градинките.

– Во градинката Бончејца имаме нова трпезарија наречена „Ѕвездено небо”, а моментално се препокрива и се обновува покривот на детската градинка „Гоце Делчев”. Тоа е зафат вреден е шест милиони и 417 000 денари и е според сите стандарди за зачувувањето на топлината во градинката, објаснува Тодоровски.

Во Прилеп останува старо-новиот проблем, недостиг од капацитети во градинките. Пред пандемијата се згрижуваа преку 1 200 деца, а се бараше и повеќе. Градските власти најавија изградба на нова детска градинка во населбата Точила, но ова ќе потрае и ќе треба време за реализација.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот