Приказни и легенди: „Прстен и парфем“ од новинарот Мишо Китаноски

Издавачот „Арс Либрис“, дел од „Арс Ламина – публикации“, ја објави книгата „Прстен и парфем“ од новинарот Мишо Китаноски. Станува збор за книга која е составена од седум различни приказни и легенди за тоа „Што ја натерало Мис Стон да го подари мајчиниот прстен?“, „Како се спасил од стрелање Мирослав Крлежа?“, „Зошто доктор Арчибалд Рајс посакал неговото срце да почива на Кајмакчалан?“, „Дали со козите на Лазар Колишевски почна иселувањето на македонските села?“, „Како стигнала Сара Бернар да им пее на војниците пред да тргнат на Македонскиот фронт во Солун?“, „Што ја спречувало Мара Бунева да го повлече чкрапецот и да убие?“.

– Како професионален новинар од 1967 година, имав можност да влезам во сите села и градови и да разговарам со стотици луѓе. Приказната за Мис Стон ја слушнав во 1969 година во Берово, а ми се потврди во 1971 година во Струмица, каде ми ја раскажа припадник на нејзината верска организација – истакна Мишо Китаноски на онлајн промоцијата на книгата.

Авторот вели дека сакал да раскаже приказни за луѓе кои дошле или живееле во нашата земја и оставиле дел од својата душа. Китаноски посочува дека пишувањето е најтежок занает на светот, но и дека најчесто животот ги пишува романите. Тој бил новинар, уредник и главен и одговорен уредник на повеќе весници и списанија.

Ги објавил книгите „Сите деца се исти“ и „Џамлии и лифтови“ (песни за деца), „Потпис: Сандра“ (поезија за возрасни) и „Летописи за македонските села“ (приказни и рецензии), како и публицистичките изданија „Бела книга – црно писмо: македонски индекс на забранети дела“, „Пиринска историска вистина“ и „Децата бегалци од Егејска Македонија во Југославија“, а приредил и неколку зборници. Според негови сценарија се снимени и емитувани повеќе од десет ТВ-документарни филмови.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 71, во печатеното издание на „Слободен печат“ на 6-7 март 2021)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот