Приказна за крвавиот распад на Југославија и младиот офицер која од извесна смрт спаси седумдесет лица во Вуковар

Фото: МИА

Крвавиот распад на поранешната заедничка држава пред речиси три децении исфрли на површината примери кога беа манифестирани најниски човекови особини, години обележани со злосторства извршени од различни побуди на сите страни, честопати и заради проста омраза кон различното. Но, и во тие тешки времиња на хаосот има светли примери што говорат за човечноста, за хуманоста, за вербата во доброто во луѓето, барем кај поединци…

Таков е примерот на Љупчо Атанасов, младиот офицер од Охрид од поранешната ЈНА, човекот што од извесна смрт спаси 70-тина лица од озлогласениот притвор „Велепромет” во Вуковар. Човекот што оние што му го должат својот живот го нарекоа македонскиот Шиндлер.

Точно пред 28 години, на 23 ноември 1991 година Атанасов како командир на воена полиција задолжен за дел од затворениците во „Велепромет”, на своја одговорност и спротивно на наредбите од претпоставените, успеа да извлече 70 воени заробеници и на тој начин да ги спаси од речиси сигурна смрт.

Неговата приказна разбуди многу емоции во него. Низ солзи во очите тој се потсети тие денови, месеци минати на боиштето на Вуковар, кога затекнат од воениот виор се соочи со нешто за што воопшто не бил подготвен, ниту како офицер, уште помалку како човек.

Атанасов со чин водник прва класа, како командир за обука на воената полиција при Гардиската моторизирана бригада од Белград, по наредба од претпоставените структури на ЈНА на 30 септември 1991 година заминува за Хрватска, поточно во реонот на Вуковар. Според тогашните негови сознанија, наредбата била тој со неговите војници да учествува во акцијата за деблокирање на касарната на армијата во Вуковар, во тие денови опкружена од т.н.  хрватски паравоени сили, неговите тогашни непријатели, кои од оваа временска перспектива ги нарече хрватски бранители.

– Уште при преминот во Хрватска во пограничното селото Товарник јас и моите војници од редовниот воен состав се соочивме со нешто што не можевме ниту да го замислиме ден претходно. Чад, разрушени куќи, застрелан добиток, убиени луѓе по улиците, вистински шок… Како војник бев обучуван за тоа, но сè уште не бев свесен дека одиме во војна. Тоа го видов и на лицата на војниците што беа со мене. Трајно остана во мене тој миг кога им наредив да го наполнат оружјето, првпат различно од она кога се подготвувавме за боево гаѓање, како дел од редовната воена обука, раскажува Атанасов.

Тука е ранет и првиот негов војник, и тоа Македонец за кој, како што рече, минал со полесна прострелна рана.

Под вистински оган од различно оружје неговиот вод пристигнува во селото Ориолик, каде што добива наредба сите офицери да ги заменат белите ремени карактеристични за воената полиција со редовите воени ремени и да ги извадат чиновите од реверите. По прераспоред на единиците неговата чета добива задача да обезбедува помошно командно место на Бригадата со позиција во селото Берак, 12 километри југоисточно од Вуковар.

– Тука првпат разбрав дека во Католичката црква се затворени војници на паравоените хрватски сили, а по многу години разбрав дека тоа биле селани, заробено локално население, рече Атанасов.

За голем дел од тогашните негови сознанија вели дека биле скромни, односно дека многу од она што го слушал било далеку од вистината. Како што вели, нашите тогашни информации беа дека во Вуковар се води вистинска војна, така што по три дена во Берак добивме наредба да продолжиме за Вуковар, бидејќи доста единици од Гардиската бригада што во бранови настапувала кон градот биле десеткувани, односно претпреле големи загуби.

– Беа формирани три јуришни одреди, мојата чета беше во првиот одред на најжестокиот воен правец за напад на Вуковар, кон населбата Сајмиште, каде што паднаа најмногу жртви. Во битката за Вуковар секојдневно се водеа борби, честопати бев на позиција во првата борбена линија, борба гради во гради некогаш и на десетина метри оддалеченост од хрватските позиции, вели Атанасов.

Години подоцна дознава дека неговата чета била во воените дејства во улиците „Нова” и „Прерадовиќева”, каде што се наоѓал и командниот штаб на ХОС.

Сè до „ослободувањето” на Вуковар негова борбена позиција била плоштадот „Матија Губец” до улицата „Далматинска” наспроти Противпожарниот дом. Сè до падот на Вуковар тој е учесник во директни борби, секојдневни престрелки во кои се гинело на обете страни. За примирјата што беа прогласувани секојдневно, Атанасов вели дека никогаш не траеле повеќе од еден час. И тоа, како што вели, најчесто поради недисциплина токму од наша страна, со преќутни наредби да се отвора оган кон позициите на бранителите.

– Морам да бидам искрен, отпорот на бранителите беше многу силен, жесток. Дури од 12 ноември почна да опаѓа нивната сила, веројатно поради изнемоштеност, недостиг на муниција… На 18-ти добивме наредба да не се отвора оган на ништо, почнаа голем број цивили од сите насоки да излегуваат од куќите и да се собираат на плоштадите „Матија Губец” и „Славија” во центарот на Вуковар, раскажува Атанасов.

Тој категорично тврди дека во ниедна единица од неговиот јуришен одред до падот на Вуковар немало припадници на паравоените српски сили, независно како потоа ги нарекуваа.

Дури тогаш, во деновите по прогласувањето на „ослободувањето” на Вуковар, Атанасов се соочува со луѓе и случки што немаат врска со конвенционалните практики на војување, но и со нормалното човечко однесување независно од околностите. Во тие денови од падот на градот, во периодот меѓу 19 и 23 ноември Атанасов е сведок на немили настани, за кои зборува денес.

Тогаш, на 19 ноември тој е назначен за командир на дел од прифатниот центар „Велепромет”, одговорен за објектот наречен Столарија. Како што вели, тоа било некакво стовариште, со метални хангари, шест на број, неколку приземни ѕидани помошни простории.

– Она што беше впечатливо при моето доаѓање тука беше тоа што видов многу народ, некаде илјада луѓе. Индикативно беше што тука имаше и голем број припадници на паравоените српски сили. Мојата задача беше тие паравоени лица да се остранат од тој простор, а потоа сите цивили да се приберат и да се евакуираат оттука, каде – не знам. Тогаш добив сознание дека во Столарија постојат две простории, „лева” и „десна”, во едната наводно затворени тврдокорни усташи, а во другата припаднички на хрватската одбрана, раскажува Атанасов.

Дека нешто се случува надвор од неговите наредби и задолженија дознал вечерта, кога ноќта слушнал џагор, викања, лелеци, по што отишол да види што се случува во хангарите.

– Пред мене се појави плато со хангари полни со измачувани мажи, кои ги чуваа доброволци од секаков вид. Кога ги прашав што се случува, тие ми одговараа, водниче, ова не е твоја работа, гледај си ги твоите наредби, вели Атанасов.

Следните денови постојано во „Велепромет” пристигнувале нови луѓе, за кои воопшто не знаел кои се ниту каде потоа завршуваат. Сите тие неколку дена Атанасов и неговите 18 војници постојано спречувале обиди на припадниците на паравоените сили да извлекуваат заробеници од објектот Столарија, притоа дури влегувајќи и во отворен конфликт, со закани и со инциденти.

Атанасов вели дека секогаш кога тој одел на редовни состаноци со претпоставените, по неговото враќање во Столарија неговите војници го информирале дека униформирани и неуниформирани лица вршеле насилства врз притворениците, дури и извлекувале некои од нив, за кои потоа не се знае каде завршиле.

– На состаноците со претпоставените барав објаснување што се случува, но не добивав никакви одговори освен дека за заробениците решаваат други инстанци, што ми беше чудно бидејќи како обучен офицер знаев каков е третманот на заробениците според Женевската конвенција и Повелбата на ОН како се води војна, и по престанувањето на воените дејства, раскажува Атанасов.

Пресудна била една случка на 21 ноември, кога видел дека во хангарите на „Велепромет” немало ниту еден човек, а меѓу два хангари заедно со војниците видел оставени купишта алишта, меѓу кои и дел од човечко тело.

– Во тој миг останавме стаписани. Во разговор со едно од лицата што беа во близина за информација што се случило, тој ми рече дека тоа е еден мој сонародник, покажувајќи ми три лични карти на жители на Дебар, муслимани, кои се бореле на хрватска страна. Ситуацијата тогаш беше таква, сите лица што не беа од Вуковар, а беа затекнати таму во тие мигови, беа третирани како непријателски војници, вели Атанасов.

По таа ноќ почнале и закани, притисоци врз него и неговите војници, да се запечати и судбината на затворениците во објектот Столарија, за која е надлежен токму Атанасов. Постојано доаѓале непознати лица, барајќи да извлечат некои од приведените.

– На 21 вечерта кога беа убиени десетина луѓе во „Велепромет”, побарав состанок со претпоставените за да им кажам што се случува. Откако се вратив назад во Столарија, моите војници ме известија дека во меѓувреме дошле вооружени лица кои одвлекле десетина од затворениците. Тоа беа редовни војници, млади луѓе од по 18 – 19 години, кои не можеа да се справат со тоа, со таа неподнослива ситуација, раскажува Атанасов.

Не знаејќи како да постапи, без какви било информации за тоа што се случува, Атанасов користи можност да ги извлече заробениците за кои бил директно одговорен од „Велепромет”.

При отворена вербална конфронтација со вооружено лице со скратена двоцевка во рацете, разбрал дека нешто се подготвува за таа вечер, бидејќи веќе пред објектот бил донесен автобус.

– Тогаш навистина се уплашив, ги собрав моите десетари и им реков дека мора луѓето да се однесат во касарната. Околу 10 часот вечерта му се заканивме на возачот, кој не сакаше да вози, ги натоваривме сите околу 70 луѓе во автобусот и во полициски час, со оружено обезбедување пеш во и околу автобусот, ги однесовме во касарната. Бев убеден дека доколку ги однесеме тие луѓе во касарната, ќе бидат на безбедно, што и се случи. На обезбедувањето на влезот во касарната им реков дека има наредба заробениците да бидат донесени тука, на што ми поверуваа така што нè пропуштија, по што ги сместивме во една училница. На дежурниот мајор му реков дека тоа се преостанатите заробеници од „Велепромет”, отворено кажано, го излажав дека е направен попис на тие лица, со име и презиме од страна на Црвениот крст, и оттаму треба да внимава што понатаму ќе биде со нив. Го предупредив дека негова ќе биде одговорноста доколку нешто им се случи. Ноќта ја минавме заедно со заробениците од Столарија, вели Атанасов.

Утредента од неговиот претпоставен е информиран дека неговата одговорност за тие луѓе престанува, со наредба да ја подготвува четата за враќање во Белград, што и се случува. Шест месеци подоцна, Атанасов целосно ја напушта армијата.

Години подоцна, некаде во 2012 година, Атанасов преку негов школски од Воената академија успева да стапи во контакт со една од затвореничките за кои бил одговорен во тие воени денови во Вуковар. Следувала емотивна средба со неа во Загреб, каде што Атанасов допатувал од Велика Британија, каде што тогаш живеел. Дури тогаш дознава дека сите негови заробеници од Вуковар биле префрлени во затворот во Сремска Митровица, од каде што по еден месец биле разменети за српски заробеници, односно оти сите останале живи.

На средбата, како што вели Атанасов, разбрал дека таа жена што била меѓу заробениците од Столарија, била припадничка на ХОС, фактички повеќето од заробениците биле навистина лица од хрватските оружени сили против кои војувал.

Спротивно на меѓусебниот договор да не се зборува за нивната средба, без знаење на Атанасов, Виолета Антолиќ две години потоа пред хрватските медиуми ја раскажува нејзината приказна за она што го минала во Вуковар, за македонскиот офицер кому му го должи нејзиниот и животот на нејзината мајка. За Атанасов интерес пројавуваат бројни новинарски екипи од Хрватска, инсистирајќи да добијат изјава, да направат интервју со охридскиот Шиндлер, како што беше претставен во хрватската јавност.

Здруженијата на хрватските бранители иницираа постапка Љупчо Атанасов да биде одликуван со Орден за заслуги за неговиот хероизам.

Од временска дистанција од 28 години, Атанасов вели дека воопшто не му се потребни никакви одликувања ниту посебни почести, дека му е благодарен на Бога што му помогнал и му дал сила во такво ненормално време да остане човек.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот