Пријавените за вакцинација против грип се повикуваат на пунктовите

Вакцинирање / Фото: Профимедиа

Возрасните граѓани над 65 години, здравствените работници, бремените жени, децата до 5 години и лицата со хронични болести почнаа да добиваат смс пораки со термин и пункт за вакцинација против сезонски грип. Министерството за здравство набави 40 илјади четиривалентни вакцини, кои штитат од четири типови инфлуенца.

Вакцинацијата против грип годинава за ризичните групи ќе биде бесплатна. За другите граѓани во центрите за јавно здравје набавени се 11 илјади комерцијални вакцини, од кои 4 илјади во ЦЈЗ Скопје. Овие вакцини против грип ќе се аплицираат по принципот прв дојден прв услужен и ќе се наплаќаат. Лани цената беше 600 денари и се истрошија сите дози за неколку часови. Комитетот за имунизација потсетува дека нема опасност граѓаните да примат вакцина против ковид и грип истовремено или пак на одредена временска дистанца.

Годинава вакцинацијата против сезонски грип во Скопје ќе се одвива на вакциналните пунктови каде што не се аплицираат вакцини против ковид, со цел да не се создава метеж. Така на пример, поликлиниката Идадија е едно од местата каде ќе се аплицира вакцина против грип.

Видео на денот