Пријавени рекордни 84 македонски основни и средни училишта за Европскиот квиз на пари

Фото: Македонска банкарска асоцијација

Македонската банкарска асоцијација во соработка со Народната банка и Комисијата за хартии од вредност денеска одржа виртуелен настан на кој пријавените ученици и нивните ментори беа запознати со текот на годинашниот национален и финален натпревар на Европскиот квиз на пари. Земјава по петти пат е дел од овој проект на Европската банкарска федерација, наменет за финансиска едукација на учениците од 13 до 15 години.

На работната средба менторите од 84 основни и средни училишта од земјава, најмногу досега, и нивните ученици од 177 класови, беа запознаени со сите аспекти на натпреварот, соопшти Македонската банкарска асоцијација.

Претставниците од Народната банка и Комисијата за хартии од вредност дадоа краток осврт на едукативните материјали, а беше спроведена и кратка вежба на електронската платформа „Кахут“, преку која ќе се одвива натпреварот.

Националниот натпревар ќе биде во два круга: во првиот кој ќе се одржи виртуелно ќе се одберат најдобрите три тима, додека во вториот трите најдобри тима ќе се натпреваруваат во живо за титулата национални шампиони. Првиот круг ќе се одржи на 20 март, а финалниот круг на кој ќе ги дознаеме двајцата ученици коишто ќе ја претставуваат нашата земја на европското финале ќе се одржи на 24 март 2023 година.

Оваа година, по тригодишен прекин на дружбата на националните шампиони поради пандемијата, повторно победничкиот тим заедно со нивниот ментор на 15 и 16 мај 2023 година ќе патуваат во Брисел, Белгија, каде ќе ги тестираат своите знаења со победниците од другите земји на големото европско финале

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот