Приходите во буџетот во јуни над очекувањата – економијата се ревитализира

Ангеловска очекува и во третиот и четвриот квартал од годината постепено опоравување на домашната економија, кое ќе биде поддржано од реализација на третиот сет мерки наменети за заживување на економската активност.

Реализацијата на вкупните приходи во буџетот е подобра од очекувањата. Во јуни таа е пониска за 9,6 отсто во однос на јуни минатата година, а во сценариото бевме подотвени за 20 проценти пониски приходи, рече денеска министерката за финансии Нина Ангеловска.

Таа оценува дека ликвидноста е обезбедена, а извршувањето на буџетот се одвива според планираното.

-Денеска информираме за реализацијата за месец јуни, како и вкупно за целото прво полугодие од 2020 година. Она што радува е дека резултатите се подобри од очекуваното. Тоа укажува дека закрепнувањето е почнато и може да оди и побрзо од очекувањата, вели Ангеловска.

Таа појасни дека во периодот јануари – јуни, вкупните буџетските приходи се остварени на ниво од 44 отсто од ребалансот (годишниот план) или во износ од 87,4 милијарди денари. Ова, како што додаде, е за девет отсто помалку во однос на истиот период лани, а процентот на остварување во однос на планот, е речиси ист како и минатата година. Тоа, според неа, укажува дека е задржана динамиката на наплата на приходите.

Ангеловска напомена дека даночните приходи во првата половина од година бележат пад од 13 отсто на годишно ниво и изнесуваат 47,3 милијарди денари.

Министерката посочи дека се забележува позитивен тренд кај придонесите кои растат со стапка од осум отсто или вкупно досега изнесуваат 31,7 милијарди денари. Ова, оцени, е добар сигнал за движењата на пазарот на труд. Стапката на раст покажува дека мерките за поддршка за зачувување работните места во борба против КОВИД-19 кризата даваат резултат. Растот од 12 отсто на овие приходи, покажува одлична респонзивност на стопанството на преземените мерки. Во април и мај стапките беа 1,5 отсто и -0,9 отсто, што значи и тука забележуваме позитивни движења видно од месечните податоци, кажа Ангеловска.

Според министерката, расходната страна во првото полугодие бележи раст на годишно ниво, во најголем дел како резултат на преземените мерки за справување со КОВИД-19 кризата.

Дефицитот во буџетот во првото полугодие е во износ од 25,9 милијарди или 3,8 отсто од БДП, и е согласно проекциите, односно се одвива според планираната динамика.

Министерката очекува и во третиот и четвриот квартал од годината постепено опоравување на домашната економија, кое ќе биде поддржано од реализација на третиот сет мерки наменети за заживување на економската активност.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот