При крај изградбата на гасоводот преку Водно: Ерозивни бариери против свлечишта над Шишево

Градежните активности на трасата на гасоводот преку Водно во текот на изминатиот викенд предизвикаа реакции кај посетителите на омилената зелена оаза на Скопјани, кои снимаа багери, камиони и истовар на цевки на потегот по сртот на Водно.

Бајрам Реџепи, директор на ЈП Национални Енергетски Ресурси за „Слободен печат“ појасни дека градежните работи на гасоводот преку Водно се во завршна фаза.

“По застојот што го имавме поради одредени технички потешкотии, сега се работи на последните делови кои треба да се довршат: тоа се некои 250 метри на средина на трасата, стрмниот дел над селото Шишево, како и делот кај селото Сопиште“, вели Реџепи.

Според директорот на НЕР, на Водно има работа уште за околу еден месец ама поради пандемијата сите работи се одвиваат забавено бидејќи ниту нив, ниту надзорот ниту градежната компанија не ги заобиколила короната па затоа е неблагодарно да се најавува датум кога ќе се заврши делницата.

По реакциите на локалното население на Сопиште, НЕР изврши промена на трасата која поминува покрај селото, па сега се во тек последните експропријации на земјиште, по што и тоа парче од делницата ќе се доизгради. За делот над Шишево, кој е и најстрмниот дел на трасата на гасоводот преку Водно, за кој активистите на „Го сакам Водно“ и стручните лица предупредуваа дека создава опасност од ерозии и појава на свлечишта во тој дел на планината, Реџепи вели дека е најдено техничко решение. „Ќе бидат ставени ерозивни бариери и тој потег ќе биде целосно заштитен“, вели директорот на НЕР.

На прашањето, пак, дали ископаниот дел на планината, кој со години го нагрдува изгледот на Водно ќе се врати во првобитна состојба, што беше обврска на инвеститорот на проектот, Реџепи со став дека Национални Енергетски Ресурси му платиле на Град Скопје 43 милиони денари како компензација на зеленилото уништено за потребите на изградбата на гасоводната траса и со тоа ремедијацијата веќе не е нивна работа. „Тоа е обврска на Градот, ние земјиштето го враќаме во првобитна состојба, а нивна обврска е да го рекултивираат“, вели тој.

Овие пари, близу 700 илјади евра, НЕР му ги префрли на Град Скопје уште во 2018 година, кога почна изградбата на гасоводот преку Водно.

Оттогаш, Градот  во неколку наврати најавуваше дека дел од парите наменети за пошумување на Водно ќе одат и за негово „разубавување“, што ги разгневи еко-активистите.

„Слободен печат“ во лани ноември пишуваше за најавата на Град Скопје дека со околу 4 милиони денари ќе ја подобрува туристичката понуда во метрополата, од кои со 2.500.000 ќе се изработува проект и проектна документација за изведба и содржини од студијата за ТРЦ Водно. Дел од овие средства, односно 460.000 денари ќе се наменат за проектирање и изведба на “Flow” велосипедска патека Средно Водно, додека пак, за проектирање и изведба на “Enduro” велосипедска патека Крстовар – Средно Водно ќе бидат потрошени 460.000,00 денари.

Изградбата на гасоводот преку Водно пред три години беше најавуван како приоритетен инфраструктурен  и еколошки проект, кој за само неколку месеци ќе го доведе природниот гас до Тетово и Гостивар. Со тоа требаше да се намали и аерозагадувањето во овој дел од државата, поради што се инсистираше дека најкусата траса води токму низ срцето на планината.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот