Преведена литература: Два тома за македонските поезија и проза се објавени во Србија

Книгоиздателството „Арка“ од Смедерево (Србија), објави две исклучителни изданија на српски јазик посветени на македонските поезија и проза. Станува збор за книгите со наслов „Поетските стебла на македонската лирика“ и „Македонската проза на српски јазик“, чиј автор е еден од упорните повеќедецениски истражувачи и познавачи на современата македонска книжевност, реномираниот српски критичар, антологичар, eстетичар, филозоф и професор Душан Стојковиќ.

Во двете обемни книги, на над 800 страници, Душан Стојковиќ дава свои видувања за современата македонска поезија, осврнувајќи се на одликите на 264 поетски дела од македонски автори и на неколку антологии составени од Стојковиќ и од други автори, како и на над 70 прозни дела од 35 автори објавени во Република Србија во текот на изминатите децении.

Во своите предговори, „Златната гранка на македонската лирика“ и „Пред езерото на македонската проза“, Душан Стојковиќ истакнува дека неговиот прочит на делата на современите македонски автори, објавени во превод на српски јазик, иако може да се смета за еден вид „искосен“ поглед, бидејќи тие дела поминале низ филтерот на преведувачите и се еден вид „субјективна антологија“, сепак, овозможува да се изгради солидна претстава како се доживува и како се прифаќа македонската книжевност во Србија. Стојковиќ подвлекува дека прочитот на обемниот број македонски автори го уверил дека современата македонска литература е една од најинтересните и најдобри европски литератури и дека неколкумина современи македонски автори со остварените естетски вредности можат да се вбројат во врвовите на европската книжевност.

Излегувањето од печат на двете книги претставува голем книжевен и културен настан за македонската литература. Станува збор за повеќедецениско следење на, речиси, сите дела од македонски писатели објавени во превод на српски јазик во соседна Србија, за кои Стојковиќ пишувал во книжевната периодика и им ги препорачувал на читателите во Србија.

Исклучителна заслуга за појавувањето на овие две значајни изданија за современата македонска литература и култура му припаѓа на истакнатиот македонски поет, прозаист, критичар, антологичар и преведувач Ристо Василевски, кој со своите преводи и со дејноста на неговото книгоиздателство „Арка“ упорно и трајно ги одржува добрите книжевни врски меѓу двете соседни литератури и култури.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 78, во печатеното издание на „Слободен печат“ на 24-25 април 2021)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот