ПРЕТСТАВНИЧКИОТ ДОМ СПРОВЕДУВА ИСТРАГА: Дали Трамп во писмено сведоштво лажел за руското мешање во изборите?

Претставничкиот дом на САД истражува дали претседателот Доналд Трамп лажел во писмено сведоштво дадено на специјалниот обвинител Роберт Малер како дел од затворената истрага за влијанието на Русија на претседателските избори во 2016 година.

Правната служба на Претставничкиот дом му се обрати на федералниот суд во Вашингтон дека пратениците испитуваат дали писмените одговори на Трамп на федералните иследници биле лажни, јави Си-Ен-Ен.

Портпаролката на Одборот за правда во Претставничкиот дом не ги коментираше тие обвинувања.

Малер достави извештај до американскиот јавен обвинител Вилијам Бар во март по речиси двегодишната истрага што расветли руска помош за тогашниот претседателски кандидат Доналд Трамп, хакирање и пропаганда како и бројни контакти на членовите на изборниот штаб на Трамп со Москва.

Поранешниот заменик началник на канцеларијата на кампањата на Трамп, Рик Гејтс, минатата недела сведочеше дека штабот на Трамп сакал да продолжи со објавувањето на е-пошта што е потенцијално штетна за демократскиот ривал Хилари Клинтон.

Таа изјава е во колизија со писмената изјава што Трамп му ја поднесе на Малер.

Клинтон, демократска кандидатка за Белата куќа, беше критикувана откако беше откриено дека таа ја користи својата приватна е-пошта во службени цели, а подоцна беа откриени дека некои пораки содржат доверливи информации.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот