Претставена македонската делегација која ќе учествува на Зимските олимписки игри во Пекинг

Македонскиот олимписки тим на испраќањето во Скопје пред поаѓање за Кина/Фото: Македонски олимписки комитет

Денеска во просториите на Македонскиот олимписки комитет беше претставена македонската Олимписка делегација која ќе учествува на зимските Олимписки игри Пекинг 2022 и тоа во следниот состав:

Ана Цветановска – Крос кантри – тренер Борче Јовановски – дисциплини 7,5 км слободно плус 7,5 км скијатлон и 10 км класично (настап на 5 и 10 Февруари).

Дардан Дехари – Слалом и Велеслалом – тренер Антонио Ристевски (настап на 13 и 16 Февруари).

Ставре Јада – Крос кантри – тренер Борче Јовановски / дисциплини Спринт слободно 1,5 км и 50 км слободно (8 и 19 Февруари).

Ставре Јада се заблагодари на МОК посебно за делот на финансирањето и на доделените 54.000 американски долари за припреми и учество на натпревари. Истиот износ, по 54000 американски долари беа инвестирани и во Михаела Даноска и Мирко Лазаревски кои за жал не успеаја да обезбедат Олимписка норма.

Дардан Дехари доби посебна финансиска помош од 300.000 денари за своите завршни подготовки.

Олимписката делегација на церемонијата на отварање на игрите ќе биде облечена од страна на престижната турска компанија Кигили кои за оваа специјална пригода направија посебна линија за церемонијата на отварање на ЗОИ Пекинг 2022. Македонската спортска компанија Мегаспорт се погрижи за спортскиот дел од облеката која ќе ја носат нашите олимпијци во олимпиското село и на спортските арени.

Поставени се строги правила во поглед на Ковид пандемијата и сите учесници на олимпијадата ќе бидат под строго контролирани и поставени мерки на кои ќе мора да се придржуваат во текот на нивниот престој во Кина.

– Македонското знаме на церемонијата на отварање на зимските Олимписки игри ќе го носат Ана Цветановска и Дардан Дехари. Уште еднаш посакуваме успешно учество на ЗОИ Пекинг 2022 на целата македонска Олимписка делегација – информираат од МОК.

Ана Цветановска е македонска претставничка на Игрите во Пекинг: Кога почнував, не ни сонував дека ќе дојдам до ЗОИ

Ставре Јада: Минимум забава, максимум тренинг е формулата за настап на Игрите

Видео на денот