Претставата „Така зборуваше Гертруда“ ќе го бара патот кон вистината

Драмски театар Скопје ја најави есенската премиера на претставата „Така зборуваше Гертруда“, која ќе се одржи на 30 септември. Претставата е поставена по текстот на младата Миа Николоска во режија на Ангелчо Илиевски.

Размисли и детали за претставата беа споделени на прес-конференција одржана на 29 септември со присуство на авторската и поголем дел од актерската екипа. Сценограф на претставата е Валентин Светозарев, костимографијата е на Марија Пупучевска, а композитор на музиката е Дарија Андовска.

– Ако театарот треба да биде будното око на општеството и да ги детектира општествените аномалии, тогаш верувам дека со претставата „Така зборуваше Гертруда“ успеавме прецизно да ја исполниме таа задача. Не само поради фактот што ова е нов драмски текст кој ја има својата праизведба на театарската сцена, туку и поради неговата длабока суштина, начинот и јазикот на кој се отвора најпроблематичната и болна тема во нашето општество – правда.

Претставата доследно ја следи темата на текстот и прави хируршки прецизен рез на општествениот систем, ги детектира проблемите кои го разнишуваат тој систем, ги нагласува заборавените и изгубени вредности, го коментира трулиот правосуден систем, го потенцира лицемерието и ги отсликува малите луѓе кои не сфаќајќи ја својата вредност се мета на манипулација и искористување.

Оваа проблематика јасно се исцртува преку судскиот спор, кој се води против Гертруда, централниот лик во претставата. Гертруда целиот свој живот ја трпи неправдата која ѝ се нанесува преку убивањето на нејзините деца. Свесна за последиците, таа решава на ист суров начин да го прекине тој ланец, верувајќи дека тоа е единствениот начин да биде разбрана. Затоа пред нејзината егзекуција кажува: „Зарем морав да убијам за да се освестите дека убивањето е страшно.“

Крикот на Гертруда е крик за правда и еднаквост. Претставата на еден трагикомичен начин е одраз на едни сурови луѓе, во една сурова средина кои газејќи преку сѐ, се обидуваат да стигнат до своите цели. Оваа претстава отвора прашања за кои вреди да се дискутира, затоа што верувам дека театарот мора да биде гласноговорник, а не нем гледач од страна – истакна режисерот Ангелчо Илиевски.

Во улогата на централниот лик Гертруда игра актерката Соња Стамболџиоска, а во другите улоги играат актери од повеќе различни генерации, како Григор Јовановски, Стефан Вујисиќ, Трајанка Илиева Вељиќ, Дамјан Цветановски, Рубенс Муратовски, Александар Степанулески, Ана Димитрова, Анастас Тановски, Емилија Мицевска Трајковиќ, Ведран Чешарек и Виктор Мирчески.

– „Така зборуваше Гертруда“ е драма која како главна тема ја обработува правдата и што таа значи за секој еден засегнат во еден судски спор. Оваа драма е базирана на вистинска приказна каде свиња била дадена на суд бидејќи убила бебе. Централниот лик во драмата, Гертруда, е одраз на надчовечкото, таа е симбол на мајчинство и пожртвуваност, таа е подоблесна од луѓето, а тие за неа се стока. Судскиот спор е прозорец кон корумпираноста и нееднаквоста, почнувајќи од судијата, адвокатите и нивните клиенти па сѐ до сведоците. Во оваа драма не постои херој, секоја постапка е себична и секое добро дело е од корист. Сите се виновни за крајниот исход и сѐ што донело до таму – објасни авторката на текстот Миа Николоска.

На прес-конференцијата се обратија и неколку актерки и актери што учествуваат во претставата. Актерката Трајанка Илиева Вељиќ посочи дека претставата зборува за корумпираното судство, а таа ја добила улогата на адвокат, што значи дека нејзиниот лик е дел од таквото судство.

Актерот Стефан Вујисиќ откри дека при подготовката на претставата ја немало формалната дистанца што вообичаено постои помеѓу режисерот и актерите, а на пробите се чувствувале како еден голем колектив или како еден организам. Режисерот секогаш бил отворен за сугестии од актерите, не отфрлал туѓи идеи и сите заедно ја граделе целината на претставата.

– Театарот е жива материја и една претстава секогаш може да се надградува –заклучи Вујисиќ.

Актерот Рубенс Муратовски во претставата го игра ликот на отец Исаија. Тој посочи дека со појавата на Миа Николоска се пополнува една дупка во македонската драматургија. Во однос на текстот на претставата, откри дека таа зборува за односот на човештвото кон светот во кој живее и дека човекот се однесува супериорно кон сите други видови, а не би требало да биде така. Имаме една планета и треба да ја сочуваме во кохезија со сите други суштества што живеат на неа, посочи Муратовски.

Во име на младите актери се обрати Ведран Чешарек, за кого „Така зборуваше Гертруда“ е прв професионален проект. Тој истакна дека на факултет учеле дека треба да се брани, односно да се игра, националната драма и во таа смисла е горд што има можност во својот прв професионален проект да игра во праизведба на нов драмски текст.

Композиторката Дарија Андовска објасни дека со режисерот Ангелчо Илиевски соработуваат подолго време и додаде дека тој е автор што знае својата визија да ја доведе до реализација.

Централниот лик во претставата, Гертруда, е поразличен од сите други и околу него се врти целата приказна.

– Мислам дека на сите ќе им биде јасна претставата, бидејќи зборува за нешто што сите го живееме, се бори за правда и еднаквост, а преку мојот лик се потрудив да ја освестиме публиката, но и себеси, како полесно да ја видиме вистината – навести актерката Соња Стамболџиоска.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот