Претставата „Круг“ премиерно е изведена во Прилепскиот театар

Театарот „Војдан Чернодрински“ во Прилеп на 15 јули премиерно ја изведе новата претстава на својот репертоар. Претставата „Круг“ во режија на Јован Ристовски е работена по текстот „Дамата од Дебјук“ од Едвард Олби, што е негова праизведба во Македонија. Преводот од англиски јазик и адаптацијата е на драматургот Лидија Митоска Ѓорѓиевска, известија од НУЦК „Марко Цепенков“ – Прилеп.

– Претставата зборува за распадот, преку главниот женски лик Џо и машкиот Сем, како сопруг. Всушност, Џо умира од рак. И внатре во текстот се зборува за распадот од болест, за распадот на еден брак, на заедница, на пријатели, говори за распад на еден театар, на системот во кој живееме. Претставата е трагикомедија која влегува во надреализам. Првиот чин говори за едно друштво, а во вториот се сфаќа дека не е сѐ убаво. Говори дека луѓето се станати безобзирни, себични и дека човештвото се наоѓа на раскрсница и дека треба да се преиспитаме – каде одиме. Никој не е свесен за маните и доблестите, освен ликовите кои метафорично доживуваат апокалипса. Секој крај носи нов почеток. Се надевам дека ќе сфатиме дека треба да одиме на подобро – објаснува режисерот Јован Ристовски, кој првпат соработува со Прилепскиот театар.

Актерите Игор Трпчески и Даниела Иваноска во сцена од претставата „Круг“

Актерката Даниела Иваноска, која го игра ликот на Џо, посочува дека претставата ќе не натера да се преиспитаме кој сме, каде сме.

– Тоа гледање внатре треба да нѐ направи луѓе, бидејќи покажавме колку сме ѕверови и безобзирни. Ми е жал што живеам во ова време и што им оставаме на нашите деца. Можеби ќе има некаква промена, но ако продолжиме вака не одиме никаде. Ако не направиме еволутивен чекор како луѓе, тогаш исто како да не сме постоеле – нагласува Иваноска.

Актерот Игор Трпчески посочува дека материјалот е одличен, има современа драматургија иако е пишувана одамна, но и дека „задира во она што ни се случува сега. Дека, за жал, се разединуваме“.

Во претставата играат Игор Трпчески, Даниела Иваноска, Димитар Црцороски, Наташа Ачански, Михајло Миленкоски, Ангела Наумоска, Димитар Ѓорѓиевски, Марија Спиркоска Илијеска. За сценографијата и за изборот на музика се погрижи режисерот Ристовски, а костимите се на Андреј Ѓоргиевски.

Претставата финансиски е поддржана од Министерството за култура во годишната програма за 2022.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 137, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 16-17 јули 2022)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот