Претседателствата со ЕУ се менуваат, очекувањата дома за уставните измени остануваат

Дали и колку оддалеченоста на Балканот од ЕУ и обратно зависи од тоа која земја во моментот претседава со Унијата? Оваа дилема на земјите-аспиранти за членство во ЕУ од регионот, вклучувајќи ја и Македонија, се наметнува на секои шест месеци, пред секое редовно ротирање на земјата-претседавач со Унијата. На нешто повеќе триесетина дена пред преземањето на претседателството со ЕУ од страна на Шпанија во земјава пристигнуваат пораки, дека Владата во Мадрид ќе биде гласен поддржувач на политиката на приближување на регионот кон ЕУ во наредните шест месеци.
Сепак, во време кога ЕУ се соочува со внатрешни поделби и проблеми со кризата околу Украина, дилема е дали оваа земја која во нејзините приоритети за шест месечното претседавање во агендата ќе го стави високо на лисата проширувањето на Унијата и ќе придонесе кон придвижување на регионот но и Македонија кон еврозоната.
Домашните експерти и дипломати кои ги консултираше „Слободен печат“ во врска со тоа кои ќе бидат очекувањата за земјава од новиот претседавач со ЕУ, Шпанија се со поделени размислувања. Дел од нив велат дека е можно да се очекува новиот претседавач да притисне за спроведување на преостанатите домашни задачи меѓу кои се и уставните измени и борбата со корупцијата, со цел забрзување на процесот на интеграција на земјава во време на геополитички нестабилности, но други пак се убедени дека преговарачкиот процес за пристап кон Унијата ќе мирува во наредните шест месеци но и години.
Политичкиот аналитичар Петар Арсовски смета дека сепак шпанското претседавање според него ќе се фокусира врз создавање на конструктивна атмосфера кон земјите аспиранти за средување на домашните проблеми и задачи а тие се правната држва, корупцијата но и преостанатите уставни измени за Македонија.

– Евроинтегративниот дел на Македонија треба да се подели на два дела. Повеќе од јасно е дека Шведска не беше многу заинтересирана во однос на тоа кога стануваше збор околу евроинтеграција на Западен Балкан и таа овие изминати шест месеци беше повеќе ориентирана и насочена кон војната во Украина и поделеноста внатре во Унијата. Во исто време Шпанија пак од друга страна по сите најави кои сега се актуелни ќе биде многу заинтересирана токму за евроинтегрцијата на регионот. Но, тоа нема да смени ништо на надворешно поле за нас, доколку дома ние не ги направиме неопходните уставни промени. Единствено со уставните измени Бугарија не би имала повеќе изговор како досега да не обвинува дека ние сме виновни за тапкањето во место. Тоа е идеалниот изговор во овој момент кој Софија го користи во ЕУ и вели дека топката за нашиот напредок кон Брисел е кај нас. Со направени уставни измени, нашиот источен сосед ќе нема друг основ за што да се фати кога станува збор нашето продолжување кон Европската Унија – вели Арсовски.
Поранешниот амбасадор Ристо Никовски е со поинакво гледиште од Арсовски во однос на идното шпанско претседавање со Унијата.

-Не треба да се залажуваме одлуката за проширување на Унијата дека не ја донесуваат главните две земји во ЕУ а тоа се Франција и Германија. Претседавачите имаат некаква улога, меѓутоа за главните теми не се прашуваат. Факт е дека Унијата нема да се проширува уште долго време, Берлин и Париз се имаат апсолутно согласено дека прво ќе се оди на длабински реформи а дури потоа, еден ден, здравје боже, ќе размислуваат евентуално и за нови членки. Во меѓувреме, сите членки а претседавачите понагласено ќе ни држат лекции дека треба да ги завршиме уставните измени, бидејќи, факт е, самите се согласивме на самоубиство. И ако ги завршиме уставните измени ништо нема да се промени во нашиот случај бидејќи Македонија и да почне да преговара тоа ќе трае 10 можеби и 20 години. Тешка измама е дека земјава ќе стане ченка до 2030 година. За тоа нема ни теоретски услови. Затоа треба да се концентрираме на реформите, кои што воопшто ги нема бидејќи само тоа е начинот да напредуваме кон Брисел. Вакви какви што сме, никогаш нема да не примат во Унијата, дури и да ги смениме и Уставот, и главниот град и границите… – посочува Никовски.
За политикологот Милан Стефановски Македонија нема алтернатива, освен ЕУ. Според него растот на евроскептицизмот во земјава во последниве неколку години биле виновни политичарите.

– Мое мислење е дека во земјава постојат генерални проблеми со препознавањето на нијансите, некако одиме од крајност во крајност. Додека до пред 10 години Европа беше магичното стапче за сите проблеми, денес ја обвинуваме за двојни стандарди и условувања кон нас. Факт е дека процесот е макотрпен за секоја земја аспирант, но решавањето проблеми дома во нашиот случај уставните измени се единсгвениот пат за ЕУ, без разлика кој ќе претседава со неа – подвлекува Стефановски.
Силна поддршка од Шпанија за македонските евроинтеграции
Во меѓувреме Шпанија ја поддржува европската перспектива на Западен Балкан и процесот на евроинтеграција на Северна Македонија. Преговорите мора да продолжат за време на шпанското претседателство со ЕУ – беше пораката која што ја испрати во Скопје, министерот за надворешни работи, ЕУ и соработка на Кралството Шпанија, Хозе Мануел Албарез Буено, кој беше во посета на земјата минатиот месец на покана на шефот на македонската дипломатија, Бујар Османи. Двајцата министри потпишаа Меморандум за разбирање со цел развој на соработката во процесот на пристапување на земјава во Унијата.
– Претседавањето на Шпанија со ЕУ се совпаѓа со претседавањето на Северна Македонија со ОБСЕ и сигурно ќе има синергии меѓу нашите две претседавања и дека ќе можеме да работиме заедно за аспекти што се многу важни во овие толку сложени времиња за Европа, рече тогаш шефот на шпанската дипломатија на заедничката прес-конференција во Скопје со неговиот домаќин, Бујар Османи.
Инаку Шпанија на 1 јули го презема претседателството со Унијата од Шведска, кога според планот завршува скрининг процесот, и земјата треба да влезе во новата фаза од преговорите, а тоа е отворањето кластери и поглавја.