Претседателот Пендаровски покровител на „2021 – Година во чест на Блаже Конески”

Стево Пендаровски

На иницијатива на претседателот Стево Пендаровски, денеска се одржа координативен состанок по повод усвојувањето на Националната програма за реализација на манифестацијата „2021 – Година во чест на Блаже Конески”, чиј покровител е претседателот Пендаровски, а носители на проектот се Министерството за култура и Министерството за образование и наука.

„Современиот македонски литературен јазик е од непроценливо значење за нашата култура, книжевност и идентитет. Затоа имаме морална должност да го чуваме наследството што ни го остави Блаже Конески како современо културно наследство и достојно да го чествуваме јубилејот на личноста која е парадигма за нашата современост, еманципација и прогресивност. Ми претставува голема чест и задоволство што сум покровител на Националната програма која ја посветуваме на великанот на македонската култура и книжевност”, истакна претседателот Пендаровски.

На онлајн состанокот учествуваше министерката за култура, Ирена Стефоска, претставници на вклучените институции, како и членови на работната група за реализација на Националната програма за одбележување на „2021 – Година во чест на Блаже Конески”, кои ги презентираа предвидените содржини од програмата. Претседателот Пендароски беше информиран  и за тековните проекти и преземени активности од страна на ресорните министерства во насока на реализацијата на платформата.

Националната програма „2021 – Година во чест на Блаже Конески” предвидува бројни културно-образовни содржини во текот на целата година. Академски и научни издавачки проекти, литературни манифестации, меѓународни научни конференции, јавни конкурси за младите уметници и изложби, педагошко-информативни проекти, промоција на дигитално издание на толковниот речник на македонскиот јазик, се дел од активностите со кои ќе се одбележи јубилејот. Согласно Националната програма ќе биде испечатена и поштенска марка со ликот на Блаже Конески.

Одбележувањето на 100 годишнината од раѓањето на Блаже Конески е запишано во календарот на значајни јубилеи поддржани од страна на УНЕСКО, што претставува меѓународно признание за неговиот лик и творештво.

На меѓународен план, со Годината во чест на Блаже Конески, Република Северна Македонија се вклучува во одбележувањето на „2021 – Меѓународна година на мирот и довербата” и „21 март – Светски ден на поезијата”, прогласени од страна на ООН.  

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот