Претседателот на Тунис отпушти нов бран службеници, немирите продолжуваат

Фото: EPA-EFE/STRINGER

Демонстрантите бараат оставка на владата, распуштање на парламентот и нови избори

Претседателот на Тунис, Каис Сајед, неделава отпушти нов бран владини службеници. Потегот доаѓа само неколку дена откако тој му го одзеде мандатот на премиерот Хишам Мешиши и го суспендираше парламентот на 30 дена, изјавувајќи дека постапува во согласност со Уставот.

Повод за изненадувачката одлука на претседателот се насилните протести против политиката на владата за време на пандемијата, како и нејзината економска политика. Демонстрантите бараат оставка на владата, распуштање на парламентот и нови избори.

63-годишниот Сајед, кој на власт дојде во 2019 година, е поранешен професор по право, и се повика на делот од Уставот што „под закана од опасност за единството, безбедноста и независноста на земјата“ дозволува невообичаени мерки. Притоа додаде дека , според законот, ги информирал премиерот и претседателот на парламентот, Рашид ал Ганучи.

Ганучи, кој е и претседател на исламско-конзервативната партија Енахда, изјави дека претседателот не го консултирал пред својот потег и дека со тоа извршил пуч против „револуцијата и Уставот“.

Во средата, Сајед го отпушти и директорот на националната телевизија, и им ги одзеде имунитетите на некои од пратениците. Нареди и истрага на трите најголеми партии кои го обвинија за пуч, тврдејќи дека на последните избори добивале финансии од странство.

Соединетите Американски Држави го предупредија Сајед да се придржува до демократските принципи и да „внимава на почитувањето на слободата на говорот“.

Во средата немаше протести и немири, но од неделата наваму, сѐ уште има силно присуство на безбедносните сили во централен Тунис, како и во зградите на парламентот, владата и националната телевизија.

По завршувањето на автократското владеење со револуцијата во 2011 година, која ја поттикна Арапската пролет, економската ситуација за жителите на оваа северноафриканска држава со околу 12 милиони жители не е подобрена. Освен борбата со економската криза, државата има тешкотии и со справувањето со пандемијата на коронавирусот.

Тунис е во постапка на барање заем од Меѓународниот монетарен фонд за финанирање на дефицитот во буџетот.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот