Претседателот на Европскиот комитет на регионите на средби со Османи, Пендаровски и Џафери

Фото: Миа

Претседателот на Европскиот комитет на регионите, Карл-Хајнц Ламберц, кој од вчера престојува во дводневна работна посета на Македонија, денеска ќе има средба со неговиот домаќин, вицепремиерот задолжен за европски прашања, Бујар Османи, а ќе биде примен и од шефот на државата Стево Пендаровски и претседателот на Парламентот, Талат Џафери.

Ламберц ќе оствари средби и со министрот за локална самоуправа Горан Милевски, како и со претседателот на Заедницата на единиците на локални самоуправи (ЗЕЛС) и градоначалник на Град Скопје, Петре Шилегов и со копретседавачот на Делегацијата на Македонија во работата на Заедничкиот консултативен комитет и градоначалник на Штип, Благој Бочварски.

Како што соопшти Секретаријатот за европски прашања, предвидено е Османи и Ламберц да разговараат за можностите за унапредување на соработката која се одвива преку Заедничкиот консултативен комитет меѓу Македонија и Комитетот на региони на Европската унија, како дел од напорите на земјата за усогласување со европските правила, стандарди и вредности на сите нивоа.

Покрај актуелностите поврзани со европските интеграции, ќе бидат отворени и темите за развојот на локаните власти, децентрализацијата, соработка помеѓу централната власт и локалната самоуправа, како и размена на добри практики меѓу европските региони и градовите, се наведува во соопштението.

На првиот ден од престојот во Скопје, Ламберц синоќа се сретна со министерот за надворешни работи Никола Димитров, при што се разговараше за европските интеграции на земјава и за очекувањата од претстојниот октомвриски Совет на ЕУ, како и за прашања поврзани со кохезијата, децентрализацијата, прекуграничната соработка, намалувањето на економските разлики меѓу различните европски региони, како и пошироко за иднината на Европа.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот