Претседателот го советувал премиерот да не оди во Брисел, Бугарите вчера поставиле пет нови барања

Пендаровски го врачи мандатот за нова Влада на Димитар Ковачевски од СДСМ / 29 декември 2021 / Фото: Слободен печат - Драган Митрески
Пендаровски му го врачува мандатот на Ковачевски за состав на нова влада/ 29 декември 2021 г. / Фото: Драган Митревски/ Слободен Печат

Претседателот Стево Пендаровски вели дека понудениот предлог од Франција може да биде добра основа за компромис со кој Северна Македонија ќе може да влезе во преговарачкиот процес со ЕУ, но смета дека на прашања како историските не им е местото во Преговарачката рамка.

Во интервју за ТВ24, Пендаровски откри дека Софија не бара Бугарите да бидат наведени само во Преамбулата на Уставот, туку и во неговиот нормативен дел. Пендаровски вели дека ниту една заедница во државата не е внесена во нормативниот дел на Уставот, па оттука не е можно да влезат ниту Бугарите. Во нормативниот дел на Уставот сега се споменуваат само македонскиот народ, Македонците кои живеат надвор од границите на државата, МПЦ и Исламската верска заедница.

Притоа, тој вели дека Софија не зборува за „Бугари“, туку за „македонски Бугари“, нешто што тој го толкува како враќање кон „срамната теза“ за дебугаризација на Македонија.

Шефот на државата вели дека за него би било неприфатливо во преговарачката рамка со ЕУ да влезат историски прашања и оспорување на јазикот.

„Никакво чепкање и ревизија на историјата. Јазик и историја не! Ќе има комисија, но напредокот во нејзината работа на ниту еден начин нема да биде предуслов за напредок кон ЕУ“, вели Пендаровски.

Тој оценува дека за нас не е лошо доколку во бугарскиот спор се вклучи и трета страна, алудирајќи на вметнувањето на некои прашања од билатералниот спор во преговарачката рамка, со што и ЕУ ќе биде контролор на нивното спроведување.

Пендаровски вели дека на вчерашниот состанок на министрите за надворешни работи на ЕУ, Бугарија поставила пет нови барања за измени во францускиот предлог, а меѓу нив и едно во делот на јазикот, со кое се барало „бугарското толкување за македонскиот јазик да добие еднаква правна сила во преговарачката рамка“. Меѓу другото и поради таквиот развој на настаните, Пендаровски рече дека го советувал премиерот Димитар Ковачевски да не оди на најавениот самит ЕУ-Западен Балкан во Брисел во четврток.

„Самит Западен Балкан-ЕУ? За што да одиме, кога ниту една земја не напредува“, вели Пендаровски.

Ковачевски, заедно со српскиот претседател Александар Вучиќ и албанскиот премиер Еди Рама, најавија дека размислуваат дали да одат на самитот во Брисел.

Пендаровски вели дека, сепак, не му се допаѓа што таква одлука се носи на ниво на Отворен Балкан – иницијатива која треба да има чисто економска, а не политичка поента.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот