Претседателе, ние ќе сме спокојни само ако вие не сте!

Љубиша Николовски
Љубиша Николовски. / Фото: Слободен печат

Претседателе колку и да ви е грозна идејата за промена на границите на Балканот, таа очигледно не е анахрона, туку е сè уште актуелна. И тоа не кај новинарите како што велите, туку кај политичарите од највисок ранг – кај претседателите на соседните држави на Северна Македонија – Косово и Србија.

Ако Хашим Тачи и Александар Вучиќ тајно разговараат за размена на територии, тоа не може да не биде закана за стабилноста на Македонија.

Можеби спорадични провокации нема да ја загрозат безбеднота на државата, но ние не знаеме кој стои зад тие воено-полициски акции или пак кој сè може да ги употреби или злоупотреби. Очигледно е дека засега состојбата на терен се смирува, но напротив, геостратешки се разгорува со изјавите и на Тачи и на Вучиќ. Дури да се и за домашна употреба, факт е дека зад решавањето на статусот на Косово стојат три големи сили кои немаат идентичен пристап кон ова прашање. Некои од нив и експлицитно се за „некакво“ поместување на границите. Дали тоа ќе се случи и дали ќе се остане во рамките на границите на Србија и Косово е прашање од милијарда долари.

И претседателе, не случајно вие велите дека „надлежните институции будно ја следат состојбата на терен“, и не случајно сте биле во посета на Министерствот за одбрана и на Генералштабот. Така и треба. Веројатно и изјавата е од ПР аспект смирувачка за пошироката јавност. Ама ве молам не претерувајте дека „нема врска“ тоа што се случува во соседството.

Го гледаме сега серијалот „Чернобил“ и гледаме што претерано политичко омаловажување на проблемите може да предизвика.

Затоа претседателе, ние ќе бидеме мирни ако знаеме дека ВИЕ не сте мирни.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот