
ПРЕСВРТ | Јакуб Парусински: САД во моментов личат на противници на своите довчерашни сојузници
Русија во моментов на фронтот е во многу полоша ситуација споредбено со 2022, 2023 и 2024 година. Можностите на руската армија се значително намалени во смисла на оние советски складишта на оружје, тенкови и гранати кои веќе пресушуваат. Економијата е на рекордно ниско ниво, а самата земја станува сè послаба и послаба. Затоа на Украина во моментов ѝ е неопходна сета западната помош во секоја смисла, а колку подолго може Киев да издржи во конфликтот, толку подобри ќе бидат шансите за неговото позиционирање на масата за преговори. Ова меѓу другото го истакна Јакуб Парусински, долгогодишен новинар, уредник и директор во „Киев индепендент“, одделот за разузнавање и истражување, во ексклузивно интервју за „Слободен печат“.
Препорачано
– Очигледно расправија меѓу Зеленски и Трамп и неговата администрација во Вашингтон е сериозен предизвик за Украина. САД иако се меѓу најголемите снабдувачи на воена помош за Украина, сепак тие не се како што Трамп сака тоа да го претстави во јавноста. Доколку се земат компаративно бројките, но и различниот тип на воена опрема донирана на Украина, ќе се види дека поголемиот дел на помошта припаѓа или доаѓа од Европа, отколку од Америка. Но, американската воена помош е лесно одржлива, логистички поедноставна и сето тоа наведува дека секаков конфликт меѓу Америка и Украина е негативен за нашата земја. Но, во исто време важно е да се истакне дека украинската армија е поефикасна и попрофесионална од времето на почетокот од руската инвазија – вели украинскиот новинар Парусински.
Тој додава дека ова не е единствениот пат кога била стопирана американската помош за Украина. Напротив, украинскиот новинар посочува дека тоа во минатото се случувало во неколку наврати, а украинската армија доволно добро тоа го совладувала.
– Секоја акција која беше преземена од страна на Трамп од почетокот на неговиот мандат во претходните шест недели, некако се однесуваше на поткопување на позициите на Украина и Европа, притоа сеејќи дополнителни поделби низ ЕУ. Тоа се гледа преку доаѓањето на американските политичари во Европа, каде што тие со нивните изјави и поддршка на анти-систематските, проруски десноориентирани партии ја рушат досегашната надворешна политика на унитарност во Европа. Сето ова е негативно за самата Европа, Украина но и за трансатлантските односи каде што овие чекори јасно укажуваат дека всушност САД во моментов личат на противници на довчерашните свои сојузници – оценува Парусински.
Тој во интервјуто зборуваше за тоа што значи прекинот на разузнавачките информации меѓу Украина и САД, зошто Трамп ѝ дава приоритет на Русија, а не на Украина од почетокот на неговиот мандат, како се очекува да започнат мировните преговори меѓу Киев и Москва со посредство на Вашингтон, но и колку во реалност ќе биде „лесно“ спроведлив мировниот договор кој евентуално ќе се постигне меѓу завојуваните страни.
– Да се навлезе во умот и размислувањето на Трамп секогаш е „незгодно“. Околу враќањето на американската поддршка за Украина, на практично ниво Украинците ја разбираат зависноста, но и важноста на американската поддршка. Сакаме да ја задржиме довербата и поддршката која досега ја добивавме од САД, особено на помошта од сателитите, разузнавачките информации. Сепак, не постои начин да ја вратиме американско-украинската доверба која ја наруши Трамп, а се создаде минатите шест недели – објаснува новинарот на „Киев индепендент“, Парусински и посочува дека тешко можеш да му веруваш на некој кој еднаш ќе го исклучи „копчето“ на доверба.
Целиот разговор со Јакуб Парусински можете да го погледнете во видеото погоре.