Пресуда на Судот од Стразбур: Турција затворила новинар без веродостојни факти за што ќе му плати 16.000 евра

Фото: EPA-EFE/PATRICK SEEGER

Европскиот суд за човекови права (ЕСЧП) денеска ја осуди Турција за одредување истражен затвор за новинар кој бил осомничен за пропаганда во корист на организации за кои се смета дека се терористички и покрај отсуството на веродостојни докази.

Судиите на ЕСЧП едногласно одлучија дека ова затворање претставува повреда на правото на слобода и безбедност, загарантирано со член 5 од Европската конвенција за човекови права. Тие, исто така, со мнозинство гласови утврдија дека има повреда на правото на слобода на изразување (член 10). Судот се изјасни по жалбата од Ахмет Сик, новинар кој работеше за опозицискиот дневен весник „Чумхуријет”, а кој беше уапсен во неговиот дом и приведен во затвор во декември 2016 година.

Сик беше осомничен за „вршење пропаганда за организации кои турската Влада ги смета за терористички”: Работничката партија на Курдистан (ПКК), Партијата за револуционерен фронт за ослободување на народот (ДХКП-Ц) и ФЕТО, кратенка за мрежата на проповедникот Фетула Ѓулен, обвинет од Анкара дека го поттикнал неуспешниот државен удар од 2016 година.

Ахмет Сик беше испрашуван за написите објавени од весникот и пораките објавени на социјалните мрежи, пред да биде ставен во истражен затвор во траење од една година и два месеци, до март 2018 година.

Судиите нагласија дека написите на Ахмет Сик „имаат вредност на новинарски информации и придонесуваа за јавната дебата во Турција”. Тие заклучија дека нема никакви разумни причини да се сомневаат дека Сик извршил кривично дело и дека неговото затворање претставува мешање во остварувањето на неговото право на слобода на изразување

Турскиот судија и литванскиот судија изразија делумно спротивставени мислења.

Судот и наложи на Турција да му исплати 16.000 евра на новинарот за нематеријална штета.

По затворањето во април во 2018 година Сик беше осуден од судот во Истанбул на седум години и шест месеци затвор. По жалбата од новинарот до Врховниот суд, случајот во моментот сè уште е во тек.

На почетокот на ноември, ЕСЧП веќе ја осуди Турција за ставање во затвор на 10 новинари од опозицискиот дневен весник Чумхуријет во 2016 година.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот