Пресадувањето дрвја оди многу тешко, најчесто пречат подземните инсталации

Фото: Град Скопје

Дополнителни тешкотии кога станува збор за пресадувањето на дрвја во градска средина може да предизвика и големината на самата машина која е прегломазна за урбана средина.

Секое дрво во Скопје, градот што со години наназад, особено во зимскиот период, се вбројува во групата на најзагадени градови во светски рамки кога станува збор за квалитетот на амбиенталниот воздух, е исклучително вредно. Зеленилото во главниот град исто така е многу важно и поради екстремно високите температури во летниот период и кои честопати знаат да се искачат и над 40 Целзиусови степени. Сепак, за жал, поради забрзаната изградба на нови улици, проширување на булеварите, но и поради изградбата на нови згради, многу често дрвјата што со години наназад растеле, се на удар и многу често се сечат за да се ослободи теренот за предвидената градба.

Во изминативе години, здруженија за заштита на животната средина, но и екологистите сè погласно зборуваат за важноста на секое засадено дрво.

Во обид да се спасат што е можно поголем број стари дрвја што растеле на најразлични локации во Скопје, а кои поради најразлични градежни активности треба да се дислоцираат, Град Скопје пред неколку години набави машина за пресадување дрвја за потребите на ЈП „Паркови и зеленило“.

Сепак, за жал, ваквата машина за пресадување големи и висококвалитетни дрвја досега само неколкупати е искористена бидејќи, како што информираат од ЈП „Паркови и зеленило“, сложени се постапките за пресадување големи дрвја.

– Ваквите постапки за пресадување се доста сложен процес од причини што самото пресадување е отежнат и тежок зафат, особено во урбани средини, земајќи ги предвид сите потребни активности од самиот вид на дрвото, неговата старост, габарит, како и при самиот транспорт што налага запазување одредени прописи и постапки. При пресадување секако се потребни одредени услови, каде што особено се важни карактеристиките на дрвото, каде се запазува висината, широчината како и староста, каде пред сè е потребна пристапност и услови до самото дрво што треба да се пресади. Исто така, тука би напоменале дека станува збор за специфична активност, каде што самиот транспорт на дрвото е доста тешка постапка. Самата локација каде што треба да се пресади дрвото треба исто така да е пристапна, да има услови и за да се овозможи пристап на машината за да се изврши пресадувањето – ја објаснуваат постапката од ЈП „Паркови и зеленило“.

Оттаму велат и дека дополнителни тешкотии кога станува збор за пресадувањето на дрвја во градска средина може да предизвика и големината на самата машина за пресадување дрвја.

– Машината за пресадување е набавена во 2016 година, на која е инсталирана дополнителна механизација и електроника за пресадување дрвја. Машината може да пресадува дрвја со ширина на стеблото од максимум 40 сантиметри и таа е гломазна и не е најповолна за користење во урбани средини, од причина што коренски систем на засадените дрвја е во близина на подземни инсталации и со тоа се оневозможува нејзино почесто користење. Па, оттука за да се пресади дрво, треба да се направи дупка со длабочина од околу 1,2 метри, каде што во урбани средини во Скопје можат да се пронајдат подземни инсталации на длабочина и од 50-60 сантиметри – објаснуваат од ова јавно претпријатие.

Последно пресадување на повеќегодишно дрво со машината беше направено неодамна кога екипи на ЈП „Паркови и зеленило“ заедно со екипи на Град Скопје извршија пресадување на повеќегодишно дрво од видот платан, од улицата Васко Карангелевски во општина Аеродром на избрана локација во Градскиот парк.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот