„Препукувања“ меѓу СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ: Кој шурувал, а кому му пропаднале бизнис зделките со Арсовска?

Данела Арсовска на седница на совет на град Скопје / Фото: Слободен печат/Драган Митрески

Кој е виновен за тоа што Скопје се наоѓа во ужасна состојба, преполно со нечистотија и со колабиран јавен превоз, кој ја донел Данела Арсовска во градоначалничката фотелја, кому му пропаднале бизнис зделкиte, а кој шурувал со неа – и денеска се тема на меѓусебните обвинувања помеѓу СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ.

Гордан Шутаров, советник во Град Скопје од СДСМ денеска посочи дека за сите изминати катастрофални денови за Скопје, изгубени за скопјани и пропадната шанса за развој и напредок на главниот град виновни се Христијан Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ, кој пред точно 1.018 денови ја востоличија Данела Арсовска за градоначалник како „најуспешна менџерка“. Тој потсети дека ВМРО-ДПМНЕ има мнозинство во Советот, претседател на Советот и бројни членови на управните одбори во градот.

Откако им пропаднаа бизнис зделките со Арсовска започнаа да се изживуваат со скопјани. Иако имаат мнозинство во Советот со години и на секаков можен начин ја кочат работата и на јавните претпријатија и на градот воопшто. Градот Скопје и јавните претпријатија функционираат врз основа на изгласување на Буџет и Програми за работа – истакна Шутаров на прес конференција.

Тој информира дека советниците на ВМРО – ДПМНЕ не ги гласале програмите за воведување брз и еколошки транспорт, за развој, за превоз на патници, за изградба и реконструкција на улици, за субвенции за улици и патишта, за заштита на животната средина, но и инвестиционите програми за јавните претпријатија.

Шутаров смета дека ВМРО-ДПМНЕ намерно не ги гласаа овие програми, само за да прават штета и да се пресметаат со Арсовска, што заедно со неспособноста на Арсовска го турнаа главниот град во пропаст. Тој посочи дека ова што му се случува на Скопје е најголемата катастрофа после земјотресот, дека градот никогаш не бил понечист, со јавни претпријатија на раб на колапс и дека не само што нема нови модерни 250 еколошки автобуси, дури воопшто нема автобуси а тие што ги има доцнат, се палат и не се безбедни. Ниту еден капитален проект не е реализиран, ниту пак нешто е направено.

После целиот хаос што го создаде во Скопје вчера слушаме дека на Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ им текнало на Скопје. Па уште се обидуваат да се прикажат како спасители кои ете ќе ги решеле проблемите во градот. Касно е дечки. Касните 1.000 денови. На 400 дена пред локалните избори ова не е ништо друго туку обид за перење на сопствената вина за она што душмански му го направија на Скопје. Пред било што да направи ВМРО-ДПМНЕ треба да излезе и да им се извини на граѓаните на Скопје и да преземе одговорност – рече Шутаров.

Градот засмрде од ѓубре: Градоначалниците бараат комуналците и Арсовска да си ја вршат работата

На обвинувањата на градскиот советник експресно реагираа од ВМРО-ДПМНЕ. Според нив вината е во СДСМ кои „1000 дена шуруваат со Арсовска, делат тендери и и гласаат завршни сметки“, па тие се виновни за хаосот во Скопје.

Над 27 милиони евра набавка на дизел гориво за ЈСП од „Пуцко петрол“ без рабат ја круниса љубовта меѓу Арсовска и СДС. За да пројде овој тендер Арсовска за директор на ЈСП постави човек на СДС. Милиони од ЈСП завршија кај фирми блиски до СДС, истото е и со сите други јавни претпријатија, тендерите се мотивот за кој СДС и гласаат завршни сметки на Арсовска. СДС ја одржува Арсовска на функција, за да можат заедно да крадат. Народот го гледа тоа и ќе ги казни. За 400 дена од сега ќе можат да се дружат заедно во опозиција, а Скопје ќе оди напред, и ќе бидат надминати сите штети направени од СДС и Арсовска – соопштија од партијата.

„Комунална хигиена“ и „Паркови и зеленило“ да се расформираат, надлежностите да ги преземат општините, бараат градоначалниците

Градоначалниците на скопските општини вчера побараа Владата да им ги одземе надлежностите на двете јавни претпријатија „Комунална хигиена“ и „Паркови и зеленило“ и да им ги даде овие ингеренции на општините, за секоја на своја територија да се грижи за зеленилото и хигиената.

Премиерот Христијан Мицкоски денеска посочи дека Владата е подготвена да ги решаваме сите проблеми што се реалност за граѓаните.

Во разумен рок очекувам градот конечно да почне да си ја работи работата. И ова нема никаква врска со политичките недоразбирања што ги имавме со градоначалничката Данела Арсовска што еве после толку време јавноста може да види дека сите оние наши тврдења за коишто сме зборувале се вистинити, рече Мицкоски.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот