Препукувања без изненадувања на седницата за петте интерпелации – „паѓа“ само Илире Даути
Пратениците од опозицискиот СДСМ не учествуваа во собраниската расправа и ја напуштија салата, а Левица и Европскиот фронт се докажуваа и обвинуваа за законот за бранителите.
Без присуство на пратениците на СДСМ, Собранието ја почна расправата за петте интерпелации поднесени од Европскиот фронт и од Левица. И додека е извесно дека вицепремиерите Изет Меџити и Иван Стоилковиќ, како и министерот за внатрешни работи Панче Тошковски и неговиот заменик Астрид Исени ќе ги преживеат интерпелациите поднесени од Европскиот фронт, до полноќ се очекуваше на претседателката на Комисијата за социјална политика Илире Даути да ѝ биде изгласана интерпелацијата зашто подносителот -пратеничката група на Левица поддршка за нејзиното разрешување ќе добие и од ВМРО-ДПМНЕ. Во фокусот на расправата за интерпелацијата за Даути, Европскиот фронт ја стави етничката димензија и расправаше за правата на припадниците на ОНА, додека подносителот Левица инсистираше дека Даути треба да биде разрешена поради непочитување на законите и на Уставот.
Координаторот на пратеничката група на СДСМ, Оливер Спасовски изјави дека нема да ги поддржат интерпелациите и нема да учествуваат во собраниската расправа и ги повика опозициските пратеници да ја напуштат салата.
– Нема да ги поддржиме и нема да гласаме за интерпелациите за неколку министри затоа што сметаме дека нема потреба од нови поделби по етничка основа. Причините за интерпелациите не смеат да бидат поврзани со етнички контекст, туку единствено со аргументи и факти околу работата на одреден министер или функционер. Немаме ниту еден збор во интерпелациите зошто не се преземаат мерки за нечистиот воздух и непреземањето иницијативи на министерот за екологија, немаме ниту збор за скандалите на косовската граница и бегствата на Рамадани и Груби. Ова говори дека намерите се поинакви, односно отворање на нови димензии во однос на етничките прашања – рече Спасовски.
Спасовски: Проблемот се вика Африм Гаши
За интерпелацијата за Даути за блокадата на законот за бранителите, Спасовски рече дека нема да биде решение на проблемот, бидејќи, според него, проблемот се вика Африм Гаши.
– Не е никој друг виновен. Кога законот не беше ставен на седница на Комисијата за социјална политика, претседателот по Деловникот е должен да овласти друг член на Комисијата и да се закаже седницата со точката на дневен ред. Вистинската одговорност и лице е Гаши – рече Спасовски.
Интерпелацијата за Даути ја образложи пратеникот на Левица, Сашко Јанчев, кој смета дека Собранието мора да изгласа интерпелација на претседателката на Комисијата поради несовесно, неодговорно и противуставно делување зашто го кочи носењето на законот за бранителите.
– Даути не одржа седница на Комисијата кога беше задолжена од претседателот на Собранието и со тоа го прекрши и Уставот и Законот за пратеници. Бидејќи Гаши не назначи некој што ќе ја води седницата на Комисијата му поднесовме кривична пријава. Даути не свика седница кога тоа го побара една третина од членовите на Комисијата и таа не дозволува дополнување на дневниот ред на седницата на Комисијата. Позадината на ова веќе ја даде Илире, која рече дека додека бранителите не се изедначат со припадниците на ОНА, законот нема да се најде на комисија. Револуционерните движења имаат смисла ако се борат за вредности, но УЧК водеше војна за голема Албанија. Голема Албанија е луда идеја оти за големи држави имаше четири војни со резултат – река крв и куп мртви. И сега во 21 век да се турка идеја за голема држава е надвор од памет. УЧК е одговорна за сериозни воени злосторства како за киднапираните Македонци, затворани вентили на брана, врзани цивили за столбови и разнесени со динамит, разурнат Лешочки манастир – рече Јанчев и ги повика колегите од ДУИ да престанат да продаваат етношовинизам.
СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ, пак, ги повика да му укажат на Гаши да свика седница, а сите пратеници ги повика да ја поддржат интерпелацијата против Даути.
Даути во своја одбрана рече дека интерпелацијата е демонстрирање сила и диктат кон пратениците што размислуваат поинаку.
– Не излегов да аргументирам туку да потврдам дека нема да прифатам дел од популацијата да се третира на нееднаков начин. Ќе дејствувам исто секогаш кога тоа ќе биде потребно – рече Даути.
Таа повтори дека законот за бранители никогаш нема да дојде на дневен ред ако еднакви права не добијат и припадниците на ОНА и ги праша пратениците од Левица дали не се срамат истите зборови на мајоризација и дискриминација кон Албанците да ги слушаат и нивните деца.
– Интерпелацијата не ја чувствувам лично. Со моето разрешување нема да се реши прашањето, ајде да седнеме и да се договориме државата еднакво да им помогне и на безбедносните сили и на поранешните припадници на ОНА – рече Даути.
Обвинувања дека Левица манипулира
Според пратеникот Елми Азири од Европскиот фронт, интерпелацијата за Даути е срамен чин, а целта на Левица е да манипулира и да обвинува со стара пропаганда.
– Вие сакате да игнорирате еден дел од војната. Тие што велат дека ОНА биле терористи никогаш не сфатиле што значи да војуваш за слобода. ОНА беше самиот народ, војската на ОНА беше за човекови права. Никој не зема оружје од ќеф, никој не нанесува намерно зло, тие што војуваа, војуваа за негираните права со децении. Интерпелацијата не е кон неа, туку за да се отвори пат да се донесе законот за бранителите, патот што мајоризира и дискриминира – рече Азири.
Реџеп Исмаил од Левица реплицираше дека секогаш кога се кршат закони или Деловник, пратеници Албанци наметнуваат дека е напад врз етнички права.
– Илире има политичка функција, не е избрана на конкурс. Таа противзаконски блокира закон и не смееме да замижуваме на нејзиното несовесно работење. Интерпелацијата против Даути не е зашто таа е Албанка, туку зашто ги прекрши Деловникот, законите и Уставот – рече Исмаил.
Крмов од Левица рече дека очекува поддршка за интерпелацијата за Даути, додека за четирите интерпелации за министрите, тој рече дека Левица нема да ги поддржи зашто се етнички мотивирани.
Благица Ласовска од ВМРО-ДПМНЕ кажа дека ќе ја поддржат интерпелацијата за Илире Даути.
Гаши: Комисијата со која претседава Даути му припаѓа на Европскиот фронт
Според најавите на пратениците, вчера се очекуваше до полноќ да заврши собраниската расправа и да се гласа за сите пет интерпелации. Разрешување се очекуваше само на претседателката на Комисијата за социјална политика Илире Даути, додека министрите ќе ја преживеат интерпелацијата. Но, доколку Даути биде разрешена од претседателка на Комисијата, тоа не значи дека таа нема повторно да биде номинирана за истата функција зашто според договорот за распределба на комисиите, таа комисија му припаѓа на Европскиот фронт.
Претседателот на Собранието Африм Гаши на предновогодишната средба со новинарите го потврди тоа.
– Според Деловникот за работата на Собранието, ако се констатира дека интерпелацијата се усвојува за претседателот на комисијата, тоа не значи и разрешување од функцијата, а и да значи, според интерпретацијата на Деловникот од страна на професионалните собраниски служби, повторно ќе треба да се избере претседател на комисијата од истата партија. Партијата може да ја предложи истата личност и таа повторно да стане претседател на комисијата. Така е уредено во Деловникот – вели Гаши.
Тој објасни дека претседателите на комисиите во Собранието ги договараат координаторите на пратеничките групи.