Препознавањето на човечноста и добрината ќе ги одлучат изборите

Ненад Јовановиќ. / Фото: Архива

Се наоѓаме на самиот крај на 2019 година, па ред би било да сумираме што е она што се направи и она што не се направи во, потенцирам – политичка смисла. Внимателните аналитичари детектираат дека оваа влада во многу работи е успешна, направи многу непопуларни потези, а реши многу важни и горливи прашања како ниедна влада од осамостојувањето до денес. Toa e општиот заклучок на барем малку релевантните аналитичари во земјата. Но, ги имаме и оние аналитичари кои со тешка вербална артилерија се пресметуваат со премиерот лично. Освен што денунцираат и шират пизма, ништо друго и не прават.

Изминатава година, факт, имаше аналитичари (или опинион мејкери) кои многу гадно се навртеа на премиерот Заев, што преку спинувања, што преку лажни вести, се обидуваа да ја претстават оваа власт за штетна и проблематична. „Продадени души“ е класична метафора низ која се денунцира Владата, а метафората дека „Заев се продал на Албанците“ е веќе општо место и добропозната констатација, преку која се труе патриотско-етничката, на штета на онаа другата, мултикултурна и шаренолика Македонија.

Гледајте, луѓето на Мицкоски (и целиот груевизам во нив) се луѓе на пропагандата, луѓе што ги експлоатираат медиумите, а со тоа сакаат – преку слика и тон – да ја дефинираат целата земја, да ја симплифицираат, да ја стереотипизираат целата јавност и нејзините гласачи. Дури, забележувам: Мицкоски смета дека тоа е чиста сметка помеѓу нив (како партија) и нивните гласачи (како електорат).

Квазипатриотите сакаат да ја претстават Македонија како земја што е затворена, а со својата политика создаваат гласови што ќе придонесат таа никогаш да не се отвори. Ако Мицкоски е олицетворение на затворен ум, Заев е контрасвет: отворен, транспарентен, човечен, питом и благ.

Да преминеме директно и конкретно. Мицкоски на следните парламентарни избори бара власт преку својата партија која не е реформирана и прочистена, што значи бара власт од една партија која претставува „пункт“ низ кој ќе им се обраќа на оние радикализирани гласачи кои во голема мера се синоним за расизам и ултраконзервативизам, тоа се оние гласачи кои не се производ на Мицкоски, туку се чист производ на Груевски. Така што, спремен сум да тврдам и нешто друго: денешното ВМРО-ДПМНЕ не е политичка партија, туку телевизиски медиум, проект на Никола Груевски лично: гледаме колку олигархија создаде, а богами гледаме и кои аналитичари, новинари (и опинион мејкери) стојат и одработуваат на нивната страна. Меѓу сите овие структури кои погоре ги набројав, нема реално разбирање, тие само формално се на иста страна.

Што сакам да кажам? Сите луѓе што денес одработуваат за Мицкоски се луѓе што ништо добро нема да ѝ донесат на оваа земја. Напротив, само ќе ги јакнат стереотипите, ќе ги засилуваат поделбите и дополнително ќе ја скандализираат Македонија. Мицкоски нема да прашува која е цената со кого да коалицира, така ќе се обидува да го брани своето парче „реалност“, така ќе ги прифаќа до себе своите потенцијални заробеници. Многу прецизно детектира: нему не му треба цела Македонија и сите нејзини граѓани со сите свои специфики, културни, економски и политички, нему му треба само одредена структура на луѓе кои до нив ќе се држи. Партијата на Мицкоски се обраќа само до одреден слој гласачи, а оние другите – кој ги врти, нека горат во пеколот, така резонира Мицкоски.

Имено, покрај другото, го имаме интернетскиот јавен простор кој е прилично атмизиран и радикализиран, од фамозната Агора, практично, не остана ништо. Денес Македонија е претворена во меур, во кој сите комуницираат исклучиво со истомислениците, додека оние другите кои гостуваат на телевизии единствено сакаат да остават некаков гаден впечаток, најчесто без некоја длабока анализа на она за кое се реферираат. Така што, ВМРО-ДПМНЕ не ги гледа медиумите како нешто што треба да информира, туку нешто кое треба да се насочи, односно нешто кое треба да дискредитира и уништи.

Од друга страна го имаме Зоран Заев и неговата влада која имплицитно сака да го смири и „хуманизира“ системот. Ги потпиша и создаде двата најважни договори од Преспа, односно Бугарија, во февруари на дневен ред ни доаѓа НАТО, алијанса која нè вклучува во спектарот од најмоќните земји во светот. На локално ниво беспоштедно се труди да покачува плати, да ги издигнува и зајакнува ранливите категории граѓани, не прави етнички тензии и поделби, плуралноста во оваа земјата наголемо деjствува, нема повеќе таргет-мети на лица на луѓе од јавниот простор, се обидува секојдневно да ги јакне институциите кои ќе бидат коректив на владата и институции кои ќе бидат сервис за граѓаните. Секогаш повикува на дијалог, никогаш не е радикален, туку напротив, толерантноста, дијалогот и помирувањето се неговиот заштитен знак. Никогаш не покажува нискост, никогаш не поттикнува омраза и никогаш не промовира дека некој политички проблем нема решение.

Па, добро, ќе речете, што треба да се прави? Jас мислам дека треба да ја продолжиме вербата и решеноста овој народ уште еднаш да се избори со предизвикот: да се држиме до оние луѓе кои се ранливи, оние кои се слаби, со таквите да создаваме сојузништва и бидеме солидарни; имаме должност што не треба да ја сфатиме како товар, туку треба да ја прифатиме со радост, убедени дека не постои ништо друго во нашиот дух што во голема мера го дефинира нашиот карактер, а тоа е цената која треба да ја платиме за нашата тешка задача. Радоста и тешката задача е нашиот мотив да истраеме оти тоа е нашата слобода и нашата верба – дека во оваа земја не смеат да се вратат на власт оние што до вчера ја создаваа монструозната клима на поделби, шиканирања, убиства и изолација.

Да се сетиме на овие зборови: „Со надеж и вредност да се спротивставиме на ледената стихија и да го издржиме идното предизборно невреме. Нашите деца нека кажат дека бевме пред испит, нека кажат дека го обединивме секое село и град, нека кажат дека не застранивме од нашиот прав пат, нека кажат дека не се вртевме назад, нека кажат дека не застанувавме, туку гледавме со погледот напред кон новиот хоризонт, и со голем благослов и се предадовме на слободата и животот на идните генерации“.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот