Препознајте што ве мачи – грип или настинка? Настинката ве „крши“ четири дена

Фото Профимедиа

Сезоната на настинки и грип е во полн ек. Во текот на есента и зимата често ќе го слушате звукот на кашлање и кивање, а голема е веројатноста и вие да настинете или да се измачувате со симптомите на грипот. Притоа, често не знаеме дали не нападнал грип или настинка, бидејќи не можеме да ги препознаеме разликите.

Симптоми на настинка
Вообичаените симптоми на настинката траат од четири до седум дена, а доколку потраат подолго или се јавуваат болки во зглобовите или температура над 39 Целзиусови степени која трае подолго од 48 часа, јавете се кај лекар, бидејќи можно е да се развила дополнителна инфекција од бактерии или грип.

Причинителите на настинката се шират со допир или преку капките од слузницата во воздухот по искашлување, кивање, разговор, па дури и кога заразеното лице ќе испушти воздух во непосредна близина на здрав човек. Кога ќе се земе предвид дека тие причинители ги има повеќе од 200 видови, станува очигледно дека сите ние сме нивни чести жртви.

Симптомите на настинката почнуваат ден-два по кобната средба со вирусот кој најчесто ги зафаќа синусите и грлото, а може да се спушти и надолу, односно да ги зафати бронхиите. Настинката се манифестира со течење на носот, затнат нос, зголемена температура (која не е секогаш присутна), кивавица, болка и пецкање во грлото.

Симптоми на грип
Симптомите на класичниот грип настапуваат нагло по неколку часа, со висока температура, главоболка, воден секрет од носот, запушен нос, малаксаност, болки во мускулите и зглобовите, како и силна изнемоштеност која го фрла болниот во кревет. Главната разлика помеѓу грипот и настинката (освен во причинителите) лежи во интензивноста на болеста. Грипот или инфлуенцата е акутна болест на дишниот систем предизвикан од вирусите тип А, Б, а поретко и тип Ц. Симптомите на грипот се слични на симптомите на настинката, само што се поизразени и подолго траат. Освен неколкуте дена отсуствување од работа или училиште, главниот проблем кај грипот се компликациите, меѓу кои е многу често опасното воспаление на белите дробови. Кај грипот, за разлика од настинката, е силно изразен сезонскиот карактер.

Кулминација на грип/настинка
Кулминацијата на настинката се случува два до три дена по појавата на симптомите, а најлошото поминува по една недела. Настинката би требало целосно да се повлече за 3 до 4 недели по заболувањето. Грипот го исцрпува телото, па болките и заморот може да се задржат неколку недели, понекогаш и месеци по првата појава на симптомите. Телесните активности во тој период стануваат потешки. Грипот го ослабува организмот и може да предизвика дополнителни болки во стомакот и мускулите. Доколку поради зараза вирусот почнува да продира подлабоко во телото, бактериите предизвикуваат воспаление на белите дробови.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот