Препораките за двојазичноста како нарачани за „злите јазици“

Фото: Слободен печат/Драган Митрески

Дали ќе се менува нешто во Законот за употреба на јазиците, популарно наречен закон за двојазичност, откако Венецијанската комисија даде препораки да се преиспита употребата на албанскиот јазик особено во судските постапки, а опозицијата најави амандмани за „дотерување“ на Законот?

На четири месеци пред предвремените парламентарни избори, партиите од владејачката коалиција ги распалија страстите откако СДСМ најави дека ќе ги почитува препораките од Венецијанската комисија, како што беше договорено пред да биде испратен Законот по мислење, а ДУИ, односно Бујар Османи возврати дека чепкањето во Законот би било исто како враќање пред 2001 година. Тоа јавноста го протолкува како повик на војна, а вицепремиерот објасни дека мислел на начинот на кој се носеле одлуките тогаш и сега.

По дводневното вербално војување, следува кратко затишје во кое политичарите зборуваат со смирени тонови, веројатно решени на етничката карта да заиграат подоцна, а дотогаш да собираат поени и пред домашната и пред меѓународната јавност. Вицепремиерката Радмила Шекеринска рече дека внимателно и заеднички со ДУИ ќе ги утврдат следните чекори, а лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски најави амандмани со кои „неуставниот закон ќе го направат уставен“, а од евентуалното отворање или неотворање на овој закон во Собранието, ќе зависи и кој колку поени ќе собере пред гласачите.

Чиј е законот за јазици?

Во СДСМ вчера сè уште не беа координирани како ќе постапат откако лидерот на опозицијата најави амандмани на овој закон, а вицепремиерот Османи остро се спротивстави. Од владејачката партија сметаат дека опозицијата избрзала со најавата за амандмани, а својот партиски став ќе го соопшти откако ќе го усогласи.

Од Владата, пак, коментирајќи за изјавата на Османи за порталот „Слободен печат“ велат дека никој не може да ја врати државата назад.

– Ќе ги разгледаме забелешките на Венецијанската комисија, ќе разговараме и ќе ги примениме. Законот за јазици не е закон на ДУИ, туку е на СДСМ. ДУИ можеше да направи нешто во 2008 година – коментирале владини извори.

Вицепремиерот Османи вчера изјави дека нема потреба од менување на Законот за јазиците, туку треба да се најдат начини да се спроведе мислењето на Венецијанската комисија. Тој рече дека ќе ги почитуваат препораките на тој начин што ќе ги создадат потребните капацитети, со цел имплементацијата на двојазичноста да не создава проблеми во општеството.

– Да повторам уште еднаш, три документи што се во основа на државноста, а тоа се Преспанскиот договор, Договорот со Бугарија и Законот за јазици. Тие документи се иреверзибилни и нема да бидат предмет на никакви промени и измени, ниту еднонасочни ниту какви било други. Треба да се најде начин како да ја имплементираме намерата на Венецијанската комисија, која вели дека двојазичноста не смее, поради недостиг на капацитети, да предизвикува проблеми во судството. Затоа нашиот пристап ќе биде преку добри акциски планови да создаваме капацитети, бидејќи колку што е важно правото за јазик, толку е важна и правната држава – рече вчера Османи.

Тој смета дека нема големи разлики во ставовите на владините коалициски партнери за ова прашање.

– Мислам дека слични се ставовите. Ако ги слушнавте последните изјави на премиерот Зоран Заев и на вицепремиерката Радмила Шекеринска, слични се со нашите ставови дека нема да има отворање на прашањето на јазикот, како што нема да има отворање на Преспанскиот договор и на Договорот со Бугарија – изјави Османи.

За најавата од ВМРО-ДПМНЕ дека ќе поднесат амандмани на Законот за употреба на јазиците, Османи упати на одговор од СДСМ, ДУИ ќе даде коментар кога ќе бидат официјално предложени.

Правна дивоградба

Лидерот на опозицијата Мицкоски најави дека амандманите што ќе ги поднесат, пред сè ќе ги содржат забелешките од Комисијата и ќе бидат во согласност со Уставот.

– Никој во оваа држава да не се чувствува оштетена страна. И затоа овие амандмани треба да бидат поддржани од власта, од Заев и од коалицијата што ја предводи, со што ќе се демонстрира зрелост, но и само така да се покаже дека нема да има компромиси со правото – изјави Мицкоски.

Тој потсети дека постојано укажувале дека секој закон треба да е во согласност со Уставот и да е во функција на владеењето со правото, а ние сме добиле закон кој е правна дивоградба и кој може да се злоупотреби пред изборите.

– Заев беше спремен на компромис со правдата и правото само за да добие глас повеќе од Албанците, иако ние укажувавме дека Законот освен тоа што е противуставен е и неспроведлив и не помага никому. Само нè заплетка повторно во нова дебата на стара тема, во која има многу емоции и национални чувства, а за очекување е тие да бидат злоупотребени во изборите – рече Мицкоски.

Лидерот на опозицијата побара сите партии да ги поддржат амандманите што ќе ги поднесе ВМРО-ДПМНЕ, за да не се прават компромиси со Уставот кои се на штета на сите граѓани.

Според Венециската комисијата, во Законот за употреба на јазиците, донесен поред две години, екстремно е широк опфатот на водењето на постапките пред јавните институции на македонски и на албански јазик, како на пример изборниот процес, образованието, науката, здравството, културата, полицијата, радиодифузните активности, нотарските работи, инфраструктурата, граѓанските регистри, личната документација, финансиите и економијата. Венецијанската комисија дава забелешки и за идејата за двојазични униформи и банкноти, за кои вели дека се надвор од европските рамки, но не и без преседан. Членот 8 оди далеку повеќе од минималните предвидени стандарди за заштита на малцинствата, а според Комисијата, дури ни детално напишаната Европска повелба за човекови права не предвидува такви обврски во врска со банкноти, монети, поштенски марки и униформи на една земја.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот