ПРЕПОРАКИ ОД ИЗОЛАЦИЈА: Совети за учење на италијански јазик и готвење на италијански начин од Рената Трајчевска (РЕЦЕПТ)

Гостинка во рубриката Препораки од изолација ни е Рената Трајчевска, дописничка на италијанската државна агенција ANSA, за која работи веќе 20 години. Со Рената зборуваме за постапки и начин на изучување на италијански јазик и се разбира, за прочуената кујна, а ве честиме и со еден типичен рецепт – Миљачо наполетано.

Здраво Рената, како си? Како ги минуваш деновите во изолација?

– Целиот свет е на пауза, дајте си ја и вие вашата пауза, посветувајќи си време на себе и најблиските. Сите бевме во невидена трка, работни обврски, семејни обврски, во потрага по времето кое  секогаш ни недостасуваше. Немавме време да подзапреме и да си дадеме време за себе и за многу нешта кои се од важност за да фунционираме подобро. Беше невозможно да го стиснеме „тастерот“ пауза, секогаш беше оставан за некое подобро утре. Ако сакаме да го направиме подобар светот во којшто живееме, тогаш ние треба да станеме подобри, подружељубиви, поскопојни и со повеќе почитување. Промените што ги посакуваме надвор, започнуваат внатре во нас. Светот надвор е одраз на тоа какви сме ние внатре во себе, какви се нашите мисли, чувства, убедувања. Сите со заеднички сили треба да се потрудиме да го направиме светот поубаво место за живеење, вели мојата муза и инструкторка по јога Лидија Георгиева. Во вакви моменти јогата ми помага да останам ведра и весела. Неодењето на работа ми падна тешко во прв момент, затоа што сум многу комуникативна личност. Се радувам на малите нешта. Убедена сум дека малите нешта го прават животот поубав. Па така, скоро најдобар дел од годината, одам на работа со моето омилено превозно средство, велосипедот, кој ми ја дава слободата на живеењето. Наутро возејќи велосипед наоѓам момент за себе и средување на мислите, среќна што патеката ми е покрај дрворедите на „Партизанска“ и можам секогаш да ги слушам птиците и да ги набљудувам промените во природата.

Рената Трајчевска

Би можеле да го искористиме времето на изолација за да се чувствуваме поисполнето, ама и да си правиме тренинг на мозокот, со учење на јазик, на пример, италијанскиот, кој е твој во „малите прсти“. Лесен ли е за учење?  

-Во овие моменти на изолација сите можеме да најдеме време да се посветиме на сите поттиснати желби кои не сме можеле да ги оствариме поради недостаток на време. Како познавач на италијанскиот јазик имам предлог до читателите: ова е моментот за сите кои го сакаат јазикот да пробаат да го научат. Денес постојат многу можности за „онлајн“ учење. Кога ќе се сетам на моите почетоци, ги паметам добрите совети на нашиот професор на факултет дека освен голема љубов да се научи еден јазик потребен е и постојан контакт. Во наше време, тоа беа списанијата на италијански во кои се трудевме да ги препознаеме малкуте познати зборови. Но тоа е пресуден момент при изучувањето, и без да се разбира содржината на почетокот јазикот треба да се восприема со сите сетила; да се слуша изговорот, да се следи правописот и правоговорот и секако, на крај, да се утврди и значењето на зборовите. Сега пак, со модерната технологија имаме можности кои не нѐ ограничуваат, седејќи удобно дома може да се следат курсеви за изучување на многу работи, меѓу нив и на странски јазици. Доколку си зададеме цел и веруваме во неа, успехот ќе биде неминовен. За мене, италијнаскиот е најубавиот јазик, активно го говорам уште од 1991 година. Тоа беше љубов на прв поглед и сè уште трае, не ми поминува ден без дружење со овој јазик. Секој Македонец би можел да го совлада лесно и релативно брзо доколку има желба – квалитетот на вокалите е многу сличен со нашите, правилата за читање се лесни и се учат брзо,  граматиката не е премногу комплицирана иако, сепак, има времиња што кај нас се изгубиле и за кои не би имале чувство каде и како да ги употребиме но, сè се учи. За да се научи правилно јазикот, најважно од сè е да се почне постапно и да се утврдува без прескокнување и правење „дупки“ во знаењето кои подоцна би резултирале со погрешна примена.

Колку време би ни требало да можеме да ги направиме основните комуникации во однос на говорот и разбирањето?

– Многу е индивидуално. Некои од нас побрзо совладуваат, на некои им оди потешко, впрочем како и за сè останато. Но доколку се концентрираме на желбата и одвоиме секојдневно време за дружење со јазикот, резултатите ќе дојдат за кратко време. Бев изненадена кога мојот голем син, кој сега студира во Италија, успеа со курс од еден месец да може да оствари основна комуникација и многу да разбира. Но, тука говорам за секојдневно учење, на „лице место“, во Италија, со факултетските професори на прочуениот Институт Данте Алигиери.

Во овој период на вонредна состојба, италијанскиот јазик може да се учи „онлајн“ преку курсевите организирани од Институтот Данте Алигиери во Скопје, (линк – ТУКА). Тие своите редовни курсеви веднаш ги пренасочи во „онлајн“ настава. Резултатите од овој начин на учење се одлични.

Каков е трендот на Македонците за изучување на италијански јазик?

– Секогаш во нагорна линија. Уште пред триесеттина години бележеше пораст и така остана, благодарение на магијата на најпевливиот јазик. А и ние сме многу блиски до италијанскиот менталитет, неретко кај нас пицериите, рестораните и други трговски објекти имаат италијански имиња. Многубројни се и љубителите на италијанската храна. Италијанската мода се следи во целиот свет, па и кај нас, секоја сфера на животот е на некој начин допрена од италијанското влијание. Има многу нашинци кои со години живеат и работат во Италија и уште многу кои одат како сезонски работници. Јас гордо си го носам моето име со италијанско потекло веќе 47 години, мојата сестра Силвана исто така, благодарни на авангардното размислување на нашиот татко кој, како љубител на италијанските глумици на времето, инсистирал да ни ги даде тие имиња пркосејќи им на тогашните уверувања дека само кумовите се оние кои мора да ги крстат децата.

На социјалните мрежи знаеш пријатно да не изненадиш со рецепт од италијанската кујна кој сама го приготвуваш. Ајде, предложи ни вкусна занимација, што би можеле да приготвиме од италијанската традиционална или модерна кујна?

– Италијаните се присутни во цел свет пред сè со музиката, јазикот и храната. Првите мои обиди да подготвам италијанска паста беа смешни, но затоа од ден на ден се подобрував, усовршував и денес можам да подготвам солидна италијанска паста, лазањи и пред сè многу десерти. Со успех ги подготвувам традиционалните италијански рецепти за благи десерти кои, во споредба со нашите, се многу поедноставни, не бараат многу состојки, а се приготвуваат брзо. Едноставно, секој би можел да ги направи. Еве еден таков рецепт за разгалување на најблиските во деновите на домашна изолација.  Необичаен е, ефтин е и брзо се прави – Миљачо наполетано.


МИЉАЧО НАПОЛЕТАНО

Типичен италијански десерт кој се подготвува за време на карневалските денови во регионот Кампаниа.

Намирници:
гриз 200 г.
млеко 500 мл
шеќер 250 гр
вода 500 мл
кравја урда 350 гр.
јајца 4 (средни) 220 гр
путер 40 гр.
кора од портокал 1
ванилин шеќер 1
прстофат сол
за декорација шеќер во прав

НА ВИДЕОТО СЕ ГЛЕДА ПОСТАПКАТА ЧЕКОР ПО ЧЕКОР.

Buon appetito!

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот