ПРЕПОРАКИ ОД ИЗОЛАЦИЈА: Совети за учење албански јазик од Садик Исени

Колку неверојатно да звучи, многу Македонци успеваат да го научат албанскиот јазик, односно веќе го говорат. Од друга страна, има од оние кои се откажуваат, но и тие не се враќаат „со празни раце“.

Во деновите на изолација, учењето на јазици не само што претставува продуктивно инвестирање на времето, туку и вистински тренинг на мозокот. Па, доколку некогаш сте помислиле дека е убаво да ги разбирате своите сограѓани и да ја имате предноста на двојазичната комуникација, учењето на албански јазик во овој период би бил вистински предизвик. На што треба да се внимава при учење на албанскиот јазик, кои се најголемите предизвици, од каде да се почне, добиваме одговори од Садик Исени, професор по албански и англиски јазик, и овластен судски преведувач од македонски на албански и обратно.

Со толку многу време меѓу четирите ѕида би можеле да бидеме и практични, да поработиме на доизградба на себеси, да научиме нов јазик. Тоа би можел да биде некој од јазиците на нашите сограѓани, на пример, албанскиот. Тежок ли е за учење албанскиот јазик?   

– Во време кога повеќето луѓе седат дома изолирани заради коронавирусот, а наместо да се досадуваат и залудно да го трошат времето, сметам дека токму оваа ситуација им нуди можност да бидат продуктивни и да инвестираат во себе учејќи нов јазик. Што се однесува до тоа дали е тежок албанскиот јазик, би рекол дека секоја работа е тешка доколку не се работи со волја и мотивација. Но, иако албанскиот јазик е познат по тоа што има тешка граматика, сепак доколку личноста која одлучила да го научи јазикот е доволно мотивирана и посветена, сметам дека целта може да се постигне, а тоа е совладувањето на јазикот.

Кои се најголемите предизвици при учење на овој јазик, падежите, множинската форма?

– Првично, луѓето кои првпат доаѓаат во контакт со албанскиот јазик, пред да се соочат со граматиката, се сретнуваат со нови гласови кои ги нема во македонскиот јазик или различно се изговараат. Иако навидум е тешко, изговорот на гласовите се усвојува за кратко време. Што се однесува на граматиката, албанскиот јазик важи за еден од потешките јазици бидејќи има пет падежи, глаголите се делат на повеќе групи во однос на тоа како се менуваат, и мнозинската форма знае да биде проблематична.

За почеток, како би можеле сами да се запознаеме со јазикот, да го почувствуваме, да го слушнеме, да ја научиме азбуката, броевите, некои основни зборови?

– Сметам дека почетокот е многу важен. Доколку некои работи погрешно се научат на почетокот, потоа тешко може да се искоренат. Што се однесува на вашето прашање како може да се запознаеме и да го почуствуваме јазикот, мислам дека разните апликации на Интернет помагаат, а емисиите за деца не се на одмет, тие се соодветни бидејќи нивото е прилагодено за деца и не е комплицирано. Исто така може да имаме полза од песните, особено кога текстот го имаме пред себе. Преку песните можеме многу да придобиеме.

Каков е интересеот на Македонците за изучување на албанскиот јазик?

– Интересот кај Македонците сметам дека постојано се зголемува, судејќи од бројот на новозапишани кандидати Македонци кој е во постојан пораст во приватното училиште за странски јазици кадешто предавам и исто така судејќи според бројот на луѓе кои бараат индивидуални часови или часови во нивните фирми или работни места.

Колкав е процентот на оние кои го научиле наспрема оние кои се откажале од учење сметајќи го за потежок јазик?  

– Како што напоменав, мотивацијата, интересот и посветеноста се многу важни. Од нив најмногу зависи дали ќе се совлада јазикот или не. Сепак, би можел да кажам, колку и неверојатно да звучи, многу Македонци успеваат, односно веќе говорат албански. Од друга страна, има од нив кои се откажуваат, но и тие не се враќаат „со празни раце“. Таквите луѓе во никој случај не се каат што почнале да учат албански, туку напротив, можат да разберат основни работи, да направат основна конверзација со колегите и колешките на работа, и да се разберат доколку патуваат во Косово и Албанија.

Дали на виртуелен начин сега се изведуваат часови по албански јазик?

– Да, секако. „Онлајн“ часовите се многу актуелни особено сега бидејќи ситуацијата со вирусот така налага. Јас сите свои часови ги префрлив на скајп, но имам и нови кандидати кои сакајќи продуктивно да го поминат времето во изолација се пријавуваат за „онлајн“ учење.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот