ПРЕПОРАКИ ОД ИЗОЛАЦИЈА со Александар Прокопиев: Да не заборавиме на суштинските човекови работи

Сите сме принудени да живееме во речиси нови услови на живот, а што е најважно, во еден стеснет простор. Во таа смисла, би било добро да не заборавиме на суштинските човекови работи. На смејата, музиката и разговорот сами со себе, вели писателот и професор Александар Прокопиев.  

Според професорот и писател Александар Прокопиев, оваа новонастаната ситуацуја на самоизолација е еднаква за секое човечко суштетсво, и за жени и за мажи.

Негов предлог за подобро да ни биде во самоизолација, за да се чувствуваме убаво, е прво музика, односно сè она што е поврзано со нашата сакана музика.

– Нека биде тоа џез, поп, босанова, нека биде и чочек, слушајте, но не само да слушате, туку и да танцувате. Сега имате свој простор и никој не ве гледа, па покажете си ги своите танцувачки вештини. Второ, кога ќе се изморите од танцувањето, и потоа задолжително ќе се пресоблечете и ќе си ги измиете рацете и лицето, може да си погледате некој филм. За мене, во ова време, најдобри се љубовните филмови, зашто кога правиме ранг-листа на најдобри филмови, многу често меѓу нив се љубовните, како и авантуристичките филмови. Има цела лепеза на љубовни филмови, најразлични, драматични, носталгични, хумористични.  Еве, на пример, за мене, убави љубовни филмови се „Чај во Сахара“, „Смрт во Африка“, „Англискиот пациент“, филмови кои ги помнам зашто сум се внел во нив и останале во мене. Мислам дека тоа е и за суптилната женска природа, а нормално, и за машката, можност да се внесете во еден свет на големи, убави чувства – препорачува Прокопиев и продолжува:

– Додека го гледате филмот, можете не само да уживате во сликата, туку и непцето да ви ужива, во омилените грицки, пијалаче по избор… Сè е дозволено, сè она што ви е пријатно и што ви годи. Немојте да правите диети, затоа што, нели, го имаме танцот и вие може да танцувате кога можете, а се знае дека тоа ги троши калориите.

Откако ќе го изгледате филмот, повторно на музика и на уште еден танц и повторно, со убаво расположение, во фотелја или во хоризонтала, ќе си ја земете својата омилена книга. Би било добро да се читаат раскази, бидејќи расказите може да ве внесат, или да ве насмеат или да ве замислат, а нема да потрошите многу време на нив. Зашто сепак ќе ви треба и време за танц и за гледање филм. Може да бидат тоа антологии на раскази, на пример, италијанскиот расказ, рускиот, американскиот, јужноамериканскиот.

Прокопиев смета дека тоа што сме во самоизолација не значи дека сме во затвор. Сосема спротивно, бидејќи имаме куп технолошки можности, како мобилни телефони, скајп, вибер.

– Може да си комуницирате, да се чуете и подолго да поразговарате со луѓе кои ви се блиски, а кои, во забрзаниот живот пред коронавирусот, ги гледавте патем, разговаравте многу бегло, а понекогаш долго не ги ни гледавте. Значи, активирајте ја вашата комуникација со пријателите преку современите електронски средства.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот