Препорака од ЕК: Зајакнете ги административните и оперативни капацитети за сите видови транспорт

Северна Македонија е умерено подготвена во областа на транспортот. Остварен е ограничен напредок, но само во однос на поврзаноста. Потребна е зголемена политичка посветеност за спроведување на неопходните секторски реформи и повеќе напори за зајакнување на административните и оперативни капацитети за сите видови на транспорт. Нема напредок во завршување на клучните реформи во секторот и препораките од 2019 година остануваат исти, наведува Европската комисија (ЕК) во поглавјето 14 – транспортни политики од Извештајот за напредокот на државава.

Според препораките на ЕК, државава следната година треба да го зајакне оперативниот и административниот капацитет на инспекциските тела и да ги намали жртвите на патната и на железничката инфраструктура. Да спроведе реформски мерки во железницата и во отворање на пазарот на железнички транспорт, како и да воспостави национален систем за постојано собирање податоци за сообраќајни несреќи и да ги финализира договорите и протоколите за граничните премини. Се препорачува да се донесе и законодавство за интелигентни транспортни системи (ИТС) и комбиниран транспорт и да се вложат дополнителни напори за создавање на стратешка рамка за примена на ИТС и основните мрежи.

Како што стои во извештајот, воспоставени се општото законодавство за транспорт, клучните стратешки документи за транспорт и неговите потсектори, но Националната стратегија за транспорт 2018-2030 сè уште нема сооодветен акциски план.

– Немаше напредок во зајакнување на оперативниот и на административниот капацитет за сите видови на транспорт. Законот за истраги на воздухопловни и железнички несреќи е веќе во сила. Сепак, сè уште има одложувања во формирањето на независно тело за истраги на железнички несреќи. Потребни се дополнителни напори за спроведување на законодавството на ЕУ во делот на правата на патниците во сите видови транспорт. Потребни се и понатамошни напори за целосно транспонирање на Директивата за интелигентен  систем за транспорт (ITS) и воведување  релевантни национални закони. Потребна е целосна стратегија за ИТС со придружни ресурси. Законската рамка за патен транспорт е во голема мера усогласена со законодавството на ЕУ, а со него е усогласено и законодавството за опасни материи, стои во Извештајот.

ЕК констатира и дека не е постигнат напредок во проценката на сообразноста на постојната опрема за транспорт на опасни материи. Потребни се, укажува, дополнителни напори за усогласување со социјалното и безбедносното законодавството на ЕУ, како и за воспоставување на национален систем за континуирано собирање на податоци за сообраќајни несреќи. Акциските планови за инспекција на безбедноста на патиштата и ревизијата треба да се следат и спроведуваат, укажува ЕК.

За Транспортниот инспекторат е препорачано да ги зајакне своите технички капацитети за работа и понатамошно усогласување во делот на казни за непочитување на Европскиот договор за работа на екипажот на возила во меѓународниот патен транспорт (AETR).

Од ЕК наведуваат и дека не е постигнат напредок во транспонирањето на законодавството за чиста енергија и енергетски ефикасни возила за патен транспорт и интелигентни транспортни системи, како и за одобрување на петгодишните планови за одржување на патишта и железница.

– За железничкиот транспорт, исполнет е главниот услов од законодавството на ЕУ за независно национално управување со инфраструктурата од државната железничка компанија. Железничкиот сектор во земјата сè уште треба да се трансформира и има одложувања во одвојувањето на сметките за патничките и товарните работи. Натамошното усогласување и транспонирање на големи делови од законодавството на единствената европска железничка област беа одложени. Не беше постигнат напредок во отворањето на железничкиот пазар кон источниот коридор, наведува ЕК.

Од таму наведуваат дека законодавството за безбедност на железницата е усогласено, но потребни се понатамошни напори за правилно спроведување.

– Договорот за прекугранична железничка соработка со Грција треба да се потпише, а тој со Косово целосно да се спроведе. Сè уште не е формирано тело за истраги на несреќи. Во ноември 2019 година, железничките власти ја потпишаа Декларацијата за европска култура за безбедност на железницата, која има за цел да ја подигне свеста и да промовира позитивна култура на безбедност во целата индустрија, стои во Извештајот.

За авиосообраќајот, пак, се наведува дека државава има добро ниво на усогласеност со законодавството на ЕУ и делумно се усогласила со законодавството за безбедност.

– Со поддршка од ЕУ, Агенцијата за цивилно воздухопловство ги исполнува барањата од Европскиот договор за заедничко воздухопловство. Усогласувањето и спроведувањето на законодавството за единствено европско небо треба да бидат проверени од Европската агенција за безбедност на воздухопловството (EASA). Потребни се дополнителни напори за олеснување на стандардизациските инспекции на EASA, нагласува ЕК.

Во делот од поглавјето за комбинираниот транспорт стои дека е потребен напредок во за поставување мултимодален јазол во близина на Скопје и за усвојување на специфично законодавство усогласено со правилата на ЕУ.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот