Тетово стана светски шампион по аерозагаденост, а Владата го намалува буџетот наменет за заштита на животната средина. Поради пандемијата со ковид-19, поголемиот дел од парите што беа планирани за оваа цел, се пренаменети за потребите за справување со последиците од корона-кризата.
„Од сите предвидени мерки, годинава била реализирана само мерката надоместување на дел од трошоците за купени и вградени печки на пелети во домаќинствата, за која субвенции добија 454 баратели, во вкупен износ од 10.740.000 денари“, е одговорот на Владата на нашето прашањето до неа што се презема за намалување на аерозагадувањето во градовите низ земјава.
Скопје предничи со замена на печките со клима-уреди
Од Влада потсетија и на субвенционирањето на инвертер клима-уредите што досега го има реализирано Град Скопје.
„Секој граѓанин кој аплицирал за набавка на инвертер-клими, а ја вратил старата печка, добива можност да му биде вратен целиот износ за набавка на уредот најмногу во висина до 62.000 денари“, ни одговори Владата.
Во продолжението од одговорот се вообичаените фрази за „преземање мерки за целосно справување со загадениот воздух“.
„Се преземаат и проектираат активности за делување на изворите на загадување, како на пример, намалување на загадувањето од домаќинствата, предизвикани од еколошки начини на затоплување во домаќинствата и административни објекти (замена на начинот на затоплување, субвенции за инвертери за домаќинства, доделување на субвенции за чистење оџаци, субвенции за зголемување на енергетската ефикасност на објектите и др.)“.
Проектот за субвенционирање сѐ уште е во тек и не може да коментираат за ефектите од него, велат од Владата и дополнуваат дека се работи на измени на законската регулатива со предвидување на поголеми ингеренции, но и обврски за општините, како и зголемување на санкциите за загадувачите. Не наведуваат точно каде се засилени инспекциски контроли и колку се зголемени зелените површини.
Само за промоција на обновливите извори на енергија и за поттикнување на енергетската ефикасност на објектите, беа планирани 54 милиони денари. Другите мерки, како надоместувањето на дел од трошоците за сончеви колектори, за замена на прозорци за зголемена енергетска ефикасност, ќе почекаат најрано до наредната година.
Што вели европскиот извештај за нас
Во неодамна објавениот извештај за квалитетот на воздухот во Европа за 2020 на Европската агенција за животна средина е наведено дека здравјето на жителите на Северна Македонија и на другите земји од регионот и натаму е сериозно загрозено. Последните бројки им се за 2018 година, што „резултирало во висока стапка на прерана смрт, пред сѐ поради високата концентрација на ПМ2,5 честички во воздухот“. Извештајот посебен акцент става на концентрациите, како и на влијанието на ПМ2,5 честичките во воздухот, кои се многу поситни од ПМ10, но полесно и подлабоко продираат до внатрешноста на дишните патишта на човекот.
„Кога се гледаат изгубените животни години во релативна смисла, најсилен импакт има во Централна и во Источна Европа каде што се измерени највисоките концентрации на ПМ2,5 честички, односно Косово, Србија, Албанија, Бугарија и Северна Македонија“, се нагласува извештајот.
Енормно загадување и преку ден
Мерните станици континуирано регистрираат високи концентрации на загадувачките ПМ честички во воздухот, дури и до 360 микрограми на кубен метар ПМ10 честички, како што беше случај во Струмица, во Куманово – 289, а во дел од скопските општини над 250. Загрижувачки е фактот што енормно високо загадување има и преку ден, кога поголемиот дел на граѓаните се надвор од домовите – од 135 со 169 мг/м3.
Во моментов од 17 мерни станици на државната мрежа концентрацијата на ПМ2,5 честички се мери само на шест локации, и тоа две во Скопје, и по една во Тетово, Куманово, Гевгелија и Битола.