Пренамена на одделенија во болницата во Прилеп: Дополнителни 100 легла за ковид пациенти

Поради наглото зголемување на бројките на заразени, прилепската болница го зголемува капацитетот за сместување на ковид пациенти за 100 легла, а матичните лекари активно се вклучувата да помогнат, констатира денеска прилепскиот Кризен штаб.

Според Драган Богоески, диртектор на прилепската градска болница „Борка Талески”, одделенијата за уво, нос и грло, дел од интерното одделение и од очното одделение во болницата од среда ќе бидат Ковид-центри.

– Договорено е дел од Интерното одделение каде нема пациенти да се пренамени за Ковид центар, исто така Очното оддление кое моментално се наоѓа на истиот кат каде е одделението за уво, нос и грло кое делумно го проширивме за пациенти од ковид-19. Значи двата крака ќе бидат пренаменети со што добиваме имаме уште 50 легла или вкупно 100 кревети за сместување пациенти со ковид-19, вели Богоески.

Најголем проблем, сепак, е недостигот од медицински персонал, зашто во одделенијата има позитивни на коронавирусот, а дел се наоѓаат во изолација. Болницата со допис побара и доби дозвола од Министерството за здравство да ги ангажира дваесеттината специјализанти, а веќе од денеска ротираат на Инфективното одделение и специјалистите од другите одделенија.

– Во инфективното одделение праќаме медицински сестри да помогнат. Сега правиме напори за ангажман на дополнителен број на медицински сестри. А, бидејќи отвораме нови ковид-центри, мора и таму да го зголемиме бројот на медицински кадар. Најголем проблем се докторите. Бараме, а во допис до Министерството за здравство и ни е дозволено да ги повлечеме околу 20 специјализанти со што ќе обезбедиме доволно персонал, објаснува Богоески.

Болницата нема проблем со санитетски возила. Дури три нови се ставени во фунција. Наскоро ќе се обезбеди централниот довод на кислород во Инфективното одделение каде, велат, нема проблем со доставувањето на боци со кислород.

Мирјана Крстеска, раководител на Инфективното одделение вели дека се задоволни и работата колку-толку им е олеснета со ротацијата на медицински персонал.

– На инфективно во моментот лежат 35 пациенти и тоа е максимумот. Во амбулантскиот дел на болницата имаме ротација на персонал од хирургија и од ортопедија и ослободивме простор за оние кои примаат дневна терапија и да не чекаат долго. Дневно веќе еден месец преку 10 пациенти добиваат кислородна поддршка и можеме да излеземе во пресрет, има доволно кислород. Охрабрува податокот дека иако сега околу 50 насто е зголемен бројот на позитивните случаи, не е зголемен бројот на смртноста, вели Крстеска.

Околу 64 матични лекари сакаат активно да се вклучат и да помогнат, да ги растоварат обврските на институциите. Како што објаснува Нора Димишкоска Тасеска, претседател на здружението на матичните лекари во Прилеп, подготвени се да помогнат, да лекуваат, ама бараат протоколи за да не ги загрозат другите пациенти.

– На состанокот договоривме да помогнеме и да излеземе во пресрет на другите институции, да им го намалиме товарот. Нема да ги запоставиме нашите пациенти. Во моментот се грижиме за околу 400 граѓани кои се дома, а бараат совет од нас. Но, при прегледи, имаме пациенти и со други дијагнози, па не сакаме сите да ги доведуваме во опасност. Бараме насоки и протоколи од Министерството како да постапуваме при прегледи на пациентите со ковид-симптоми, вели Димишкоска Тасеска.

Градот и кризниот штаб бараат младите да бидат поодговорни и со забави и групирања да не ги доведуваат во опасност повозрасните членови во семејството. Повеќе од пола од сите заразени во пандемијата се во октомври. Во моментот во Прилеп има преку 500 активни случаи.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот