Премногу ветувања, премалку паркинзи

Анета Стојковска / Фото: Слободен печат

Убавината на Скопје ја прават неговите жители. Ако се тие незадоволни и се соочуваат со секојдневни проблеми во нормалното градско живеење, градот ич нема да биде убав. Напротив!

Ниедна општинска ниту градска власт во последните две децении не најде начин да им го реши проблемот со паркирање на скопјани. Во одредени делови на градот барањето слободно паркинг место е секојдневно малтретирање за граѓаните кои се обидуваат да си дојдат дома – вртење кругови низ населбата, трошење и време и нерви, расправии, апели до надлежните. И следниот ден повторно истото, со години!

Поради овој проблем најтешко е да се живее во Центар и во Карпош. Велам да се живее, затоа што оние што работат таму или доаѓаат на гости, можат да користат велосипеди, јавен превоз и такси. Но, од удобноста на сопствените автомобили ретко кој се откажува, ниту пак јавните претпријатија што го регулираат паркирањето би се откажале од својот профит. А во услови кога паркирањето во строгиот центар чини од 60 до 100 денари од час, јасно е за кого се добредојдени сите оние што не живеат на тој простор.

Како и да е, устите на актуелните (и на сите поранешни) градоначалници им беа преполни со слатки ветувања дека на нивните жители ќе им го решат проблемот со паркирањето. Најчесто со изградба на монтажни гаражи. Во Центар градоначалникот Саша Богдановиќ најави изградба на вакви гаражи уште додека беше директор на ПОЦ. Во тоа време се изгради монтажната гаража зад „Буњаковец“ и – толку.

Град Скопје, пак, ослободуваше тротоари и стави столпчиња покрај булеварите, каде што вообичаено се паркираа станарите, кои не по своја вина живеат во згради без паркинг-простор и подземни гаражи. Згради подигнати пред повеќе децении кога просторот за паркирање не бил скапоцен како денес, а веројатно и не се имало целосна визија за сообраќајниот растеж на градот.

Со ослободувањето на просторот за едни, се комплицира уште повеќе секојдневната живеачка на други граѓани, на кои не им беше понудено ништо во замена, освен прескапо паркирање за сите оние што не живеат таму. Па така, на постојните паркиралишта кај Домот на градежниците каде има пет кули од Градски ѕид и многу други згради паркирањето чини 250 денари, но проблемот за жителите не се реши, затоа што нема место. Со слична мака се соочуваат и жителите на Максим Горки, кои исто така со децении молат нивната улица да се користи само за паркирање резиденти.

Првиот човек на Карпош, Стефан Богоев, во предизборната програма најави изградба на шест еко-паркинзи, односно монтажни на кои целиот надворешен дел требаше да им биде покриен со зеленика. Со еден „удар“ ќе се влијаеше на два проблема – паркирањето и загадувањето. До денеска нема ниеден. Во Карпош 1 и 2 каде што побарувачката за слободно паркинг-место е огромна, пред повеќе од една година се спроведе анкета меѓу жителите за тоа дали сакаат зонско паркирање. Луѓето си кажаа – сакаме! И никому ништо. Решавање на проблемот со паркирањето го најавија и сите други актуелни скопски градоначалници. Никаде не е решен.

Се ближат уште едни локални избори и сите кандидати повторно ќе излезат со ветувања – стари или нови. Но, граѓаните се помалку веруваат, зашто сите досегашни избраници покажаа дека нештата се менуваат откако ќе се седне во фотелја. А зошто служат општинските и градските раководства освен да им обезбедат подобри услови за живот на своите жители. Оти градот не е збир на згради, улици, и мостови. Убавината на Скопје ја прават неговите жители. Ако се тие незадоволни и се соочуваат со секојдневни проблеми во нормалното градско живеење, градот ич нема да биде убав. Напротив!

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот