Премногу кофеин во бременоста може да предизвика промени во мозокот кај децата
Новата студија на американските научници покажа дека поголемите количини на кофеин консумиран за време на бременоста можат да влијаат на мали промени во структурата на мозокот на детето и да резултираат со проблеми во нивното однесување подоцна во животот.
Научниците од Институтот за невронаука при Медицинскиот центар на Универзитетот во Рочестер, анализирале илјадници податоци засновани на претходни скенирања на мозок кај деца на возраст од девет и десет години и откриле мали промени во структурата на мозокот кај децата кои биле изложени на кофеин „во матката“, пишува „Science Daily“.
Во оваа голема студија за развој на мозокот, во која биле вклучени 9000 деца, научниците истражувале голем број фактори кои можат да влијаат на нивниот биолошки и бихевиорален развој.
Собраните податоци и проценки на 27 критични промени во мозокот, како резултат од магнетна резонанца, биле поврзани со психопатологија и когнитивни мерки.
Помали проблеми во однесувањето, проблеми со концентрацијата и вниманието, како и хиперактивност, се некои од симптомите кои истражувачите ги забележале кај децата вклучени во студијата, вели д-р Зекери Кристенсен, водач на истражувањето.
„Ова се помали последици што не предизвикуваат никакви психијатриски нарушувања, но сепак влијаат на минимални, но забележителни проблеми во однесувањето што треба да нè натераат да размислиме за долгорочните последици од внесувањето кофеин за време на бременоста“, вели д-р Џон Фокс, директор на Институтот за невронаука „Дел Монте“ и раководител на Одделот
за развој на мозокот кај адолесценти на Универзитетот во Рочестер.
„Мислам дека резултатот на нашата студија ќе биде препорака за бремените жени дека консумирањето кофеин за време на бременоста веројатно не е толку добра идеја“, вели тој.
Анализирајќи ги снимките од мозокот на повеќе од 9000 деца на возраст од десет и девет години, истражувачите откриле јасни промени во начинот на кој биле организирани трагите од белата материја, која сочинува околу половина од волуменот на мозокот и служи како комуникациска мрежа, кај деца чии мајки пријавиле дека консумирале кофеин за време на бременоста.
„Важно е да се истакне дека ова е ретроспективна студија и дека нашите податоци се базираат на одговорите на мајките кои се сеќаваат колку кофеин внесувале додека биле бремени“, вели д-р Фокс.
И претходни студии исто така покажаа дека кофеинот може негативно да влијае на бременоста. Исто така е познато дека фетусот нема ензим кој е потребен за разградување на кофеинот кога поминува низ плацентата, а новата студија сугерира дека кофеинот може да остави траен ефект врз неговиот невроразвој.
„Тековните клинички упатства сугерираат дека е важно да се ограничи внесувањето на кофеин за време на бременоста, а тоа значи не повеќе од две нормални шолји кафе на ден, што е околу 200 мг кофеин“, вели д-р Кистенсен.
„На долг рок, се надеваме дека ќе развиеме подобри упаства што ќе бидат корисни за идните мајки, а во меѓувреме ги советуваме да се консултираат со својот лекар во случај на какви било нејаснотии“, велат истражувачите.