Премиерот Зоран Заев срдечно пречекан во Бигорски манастир, се заложи за враќање на украдените икони од Албанија

Премиерот Зоран Заев во посета на Бигорски манастир/ Фото: Фејсбук

Во рамки на својата работна посета на повеќе места од западна Македонија, премиерот Зоран Заев вчера попладне ја посети и Свештената Бигорска Обител, објави на својата веб страна Бигорски манастир.

-Претседателот на Владата беше пречекан од страна на монашкото братство и одведен во манастирскиот католикон, каде што накратко му беше раскажано за историјата на Обителта. Тој го искажа своето задоволство од грижата на Братството за благолепието на храмот Божји, за градителските потфати, а покажа посебен интерес за историјата и содржината на прочуениот иконостас, стои во објавата.

По посетата на храмот, Заев со своите придружници бил и во големата манастирска сала за свечености, каде што деновиве се одржуваше Втората малореканска научна конференција, насловена „По патеките на Дичо Зограф”.

Таму, имал можност да го слушне излагањето на проф. д-р Сашо Цветковски за украдените икони од црквите во реканскиот крај и при што изразил подготвеност да помогне за нивно враќање од Албанија каде што припаѓаат.

-На крајот од својата кратка посета, премиерот оствари средба и со старецот и игумен на манастирот, епископ Антаниски г. Партениј, кој го запозна со тековните дејности на Обителта.

Премиерот се заблагодари за топлиот пречек и истакна дека Бигорски е сенароден сакрален споменик, кого сите треба да го почитуваат, без разлика на верската и национална припадност, се наведува во објавата.

Заев и лично му се заблагодарил на владиката Партениј за неговиот пожртвуван труд и грижа, кој како домаќин на ова значајно македонско Светилиште, направи многу за неговото заживување, разубавување и одржување, но и за големата општествена мисија што тоа, под негово игуменство, ја спроведува во изминатите речиси три децении од обновувањето на монаштвото во него.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот