Премиерот Заев во посета на Свети Николе

Премиерот Зоран Заев денеска, заедно со директорот на Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој, Никица Бачовски и градоначалникот на Општина Свети Николе, Сашо Велковски изврши увид во новата пешачка и велосипедска патека која е готова и подготвена за користење.

Велосипедската и пешачка патека води од Свети Николе до археолошкиот локалитет Била Зора во село Кнежје и е долга околу 2 100 метри.

Премиерот Заев рече дека станува збор за модерна и урбана зона, хортикултурно уредена со зеленило, која претставува прекрасно место за релаксација на граѓаните.

– За Владата програмите за спорт и рекреација, како и зголемувањето на зелените површини остануваат важни алки кои придонесуваат за развој на прогресивното општество и овозможуваат стекнување и ширење на основните етички принципи особено кај младите луѓе. Спортските активности имаат витална улога кај младата популација, од една страна, по однос на здравјето и правилниот развој, а од друга, ги учат младите на вредностите на заедничката работа, дисциплина, делењето на успесите и наградите за постигнатите резултати, рече Заев.

Патеката е со вкупна вредност од околу 17 милиони денари, од кои 5,5 милиони денари кофинансира Општината Свети Николе. Останатите средства се обезбедени преку Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој и преку Центарот за развој на Вардарскиот плански регион со финансиска поддршка од Бирото за регионален развој при Министерството за локална самоуправа.

Градоначалникот Велковски информираше дека долж патеката се посадени 1 000 садници, а поставени се 66 канделабри и повеќе места за одмор.

– Патеката веќе се користи што е потврда дека вакво место за релаксација беше потребно во нашиот град, рече Велковски.

Средствата за овој, но и за останатите два проекта што ги има добиено општината, се обезбедени од Програмата за рурален развој. 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот