Премиерот Заев во посета на Стоби: Овој локалитет сѐ уште изненадува со нови откритија

Премиерот Зоран Заев, придружен од министерот за култура Хусни Исмаили и директорката на Управата за културно наследство Елеонора Петрова, денескаго посети археолошкиот локалитет Стоби, каде беше откриена мермерна скулптура со претстава на богот Дионис, во рамките на летната интернационална школа за теренска археологија.

По завршување на теренската посета, премиерот Заев даде изјава за медиумите, којашто во продолжение ви ја пренесуваме во целост.

„Ова лето археолошкиот локалитет Стоби повторно го свртува вниманието на јавноста. И тоа со право. И покрај сто години археолошки истражувања на локалитетот, Стоби сè уште не престанува да изненадува и воодушевува со нови откритија.

Информацијата дека 18 студенти од САД, Канада, Кина, Австралија, Шведска и Ел Салвадор, учесници во школата за археологија, заедно со нашите археолози и други вработени во Стоби, имаа исклучително откритие: Ретка мермерна скулптура на Дионис, богот на виното, на плодноста и заштитник на театарот, којшто го заслужува највисокото внимание.

Стоби е крстосница на цивилизациите и на народите на овие простори, и наша должност е непроценливото археолошко богатство да го откриваме, да го чуваме и достојно да го негуваме и презентираме на светот. Затоа Стоби и денес е жив и отворен град.

Новите Стобјани се истражувачите и конзерваторите инволвирани во сите проекти на Националната установа Стоби.

Во рамки на истражувањата на комплексот околу Храмот на Изида, е откриен дел од уште еден мозаик, фрагменти од штуко декорација и фонтана, кои зборуваат за раскошот кој го уживале свештениците на Изида во Стоби. По 2009 година, ова е прво откритие на мозаик во Стоби кој датира од 4 век.

Ископувањата на Старата епископска базилика резултираа со откривање на дополнителни делови од најстарото ранохристијанско сликарство во нашата држава коесекако, веднаш ќе биде конзервирано. До крајот на годината и прекрасната крстилница, а Епископската базилика ќе добие нова покривна конструкција.

Во јули ќе започне и реализацијата на можеби најголемиот проект на Националната установа Стоби, проектот за конзервација и реставрација на театарот.

Во овој грандиозен споменик на римскиот период, пред очите на 7.600 гледачи се одвивале театарски претстави и гладијаторски борби. Денес, тој е предмет на континуирана истражувачка и конзерваториска работа чија главна цел е научна публикација, презентација и ревитализација за современи културни настани кои го бележат новото поглавје на живиот град Стоби.

Покрај интернационалната школа за археологија, во Стоби се одвиваа уште две интернационални конзерваторски работилници како дел од соработката со Фондацијата Балканско наследство од Р. Бугарија, на кои што секако сме им благодарни. 12 студенти од САД учествуваа во процесот на документација и конзервација на мозаици, керамички и стаклени предмети. Со помошта на студентите се вршеше превентивна заштита на мозаикот во Куќата на Партениј, кој се отвора прв пат после 70-тите години на минатиот век.

За сите овие достигнувања треба да им честитаме на сите вработени во Националната установа Стоби, на чело со директорот Спасе Перовски, а наша должност е во иднина да обезбедиме најпознатиот археолошки локалитет во Република Северна Македонија, да ја добие сета потребна поддршка во истражувањата, заштитата и промоцијата, затоа што културното наследство е универзална вредност на целото човештво, која мора да ја негуваме, зачуваме и пренесеме на идните генерации“, изјави Заев.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот