Премиерот прифаќа лидерска, ама да биде „по негово“
Не ја исклучувам можноста за лидерска средба, но да разговараме за идеи за иднината, за заеднички политики, може и поединечно да се гледаме со претседатели на партии ако имаат идеи нешто креативно да помогнат во развојот на државата, рече премиерот Христијан Мицкоски
Премиерот Христијан Мицкоски им стои на располагање на претседатели на партии за лидерска средба или за поединечни состаноци со некои од нив, но не да разговараат за инцидентите од Денот на албанското знаме, туку ако имаат креативни идеи за напредок на државата. За премиерот инцидентите на 28 ноември се затворено прашање, инспиратор и виновник е ДУИ и драго му е дека дури и опозицискиот СДСМ ги изолира интегративците и нема да ги поддржи интерпелациите за четворица министри, поднесени од нив. Од ДУИ не се вознемирени и загрижени за политичката изолација зашто, како што велат, нивен стратегиски партнер се граѓаните. ДУИ отфрла и каква било поврзаност со инцидентите.
– Прашања не затворам, но во моментов не гледам причина зошто би имало лидерска средба. Ако се реферираме за тоа што се случуваше на 28 ноември, јасен беше мотивот на инспираторите на тоа што се случи тогаш, дел од нив видовме дека се блиски до одредени партии и до политичари што сега се во опозиција. Оперативните информации на МВР со многу докази даваат одговор на тоа кој стои, посебно во Куманово и во Скопје, зад организирањето, која е целта и кои се инспиратори. Целта беше да има жестока реакција на МВР, не дај боже да имаше и починати, и тогаш да се случи конфликт и тензија – рече Мицкоски.
Тој повторно ѝ честита на МВР за зрелата и одмерена реакција со која ја изолирале групата која сега е под кривичен, односно под прекршочен прогон. Премиерот порача дека не смеат да дозволат инспираторите да победат.
– Јасно е кој е инспиратор и која е целта и зошто тоа се случи. Не ја исклучувам можноста за лидерска средба, но да разговараме за идеи за иднината, за заеднички политики, може и поединечно да се гледаме со претседатели на партии ако имаат идеи нешто креативно да помогнат во развојот на државата. Тука сум, стојам на располагање, никогаш не ги избегнувам тие средби – рече Мицкоски.
На прашање како ја коментира одлуката на СДСМ да не ги поддржи интерпелациите поднесени од ДУИ за министерот за внатрешни Панче Тошковски, вицепремиерите Изет Меџити и Иван Стоилковиќ и за заменикот во МВР Астрит Исени, премиерот повтори дека треба да се изолираат сите екстреми што сакаат нестабилност и несигурност во општеството.
– Драго ми е дека политички партии, иако се во опозиција, се свесни за тоа и дека нема заеднички да дозволиме овие екстреми да нè вовлечат во политичкото мочуриште и мислам дека граѓаните полека ги изолираат. Во таа улога, ДУИ некогаш се претставуваше за прозелена партија, а денеска е главен генератор за нестабилност и несигурност и се обидува да генерира конфликти во Македонија – рече Мицкоски.
Функционери од ДУИ за „Слободен печат“ отфрлаат секаква поврзаност со инцидентите на 28 ноември. Велат дека Денот на албанското знаме го прославиле во Швајцарија, а потоа биле во Турција од каде се вратиле на 30 ноември.
– Кога бевме на власт, 28 ноември го славевме со свечени академии и така ја канализиравме прославата на граѓаните. Овие ништо не организираа и им се случија граѓани на улиците. Битно е дека ДУИ има поддршка од граѓаните и затоа секогаш победува. Наш стратешки партнер се граѓаните. Сите партии на Албанците кои сега се на власт, беа во коалиција со ДУИ кога бевме власт и тогаш, за нив, бевме државотворна партија – велат од ДУИ.
Новиот Извршен одбор на СДСМ синоќа, на својот прв состанок одлучи да не ги поддржи интерпелациите за министрите. За смирување на тензиите во општеството од неодамнешните инциденти во кои во одделни случаи беа сквернавени државното знаме, албанското национално знаме, како и државни симболи на Република Србија, според Извршниот одбор на СДСМ, бил потребен поинаков пристап, односно одржување лидерска средба.
– За СДСМ загрижувачки се тенденциите за влошување на безбедноста и сигурноста на граѓаните и растечките тензии во општеството со загрозување на меѓуетничките односи. Неприфаќањето на лидерската средба испраќа лош сигнал и ја потврдува тезата дека очигледно партии на власт и ДУИ немаат интерес од стабилизација, што е многу опасно за државата – соопшти СДСМ.