Премиерот на Израел го поздрави американскиот план за поморска демаркација со Либан

Израелскиот премиер Јаир Лапид денеска го поздрави предлогот на САД за воспоставување поморска граница со Либан, оценувајќи дека тоа ќе го реши долгогодишниот спор меѓу двете соседни земји и ќе придонесе за зајакнување на израелската економија и подобрување на регионалната безбедност.

Лапид потврди дека во текот на викендот планот бил доставен до израелските и либанските лидери и иако се уште се разгледува, тој верува дека ќе ги зајакне израелските области во близина на границата со Либан и ќе и овозможи на еврејската држава да произведува повеќе природен гас и да обезбеди нови приходи за националниот буџет.

– Овој договор ќе ја зајакне безбедноста и економијата на Израел, рече Лапид на состанокот на владата.

Тој, исто така, потенцираше дека Израел нема да се спротивстави на развој на „дополнително либанско гасно поле”, кое се наоѓа на поморската граница, се додека Израел го добие „делот што го заслужува”.

Израелскиот лидер оцени дека тоа ќе ја ослаби зависноста на Либан од Иран, ќе го ограничи екстремистичкиот Хезболах и ќе ја промовира регионалната стабилност.

Планот, како што рече Лапид, сега го разгледуваат правните и одбранбените власти, а потоа владата ќе се изјасни за него. Израелските медиуми објавија дека за планот веројатно ќе се гласа во четврток.

Либан и Израел официјално се во војна од создавањето на еврејската држава во 1948 година, а двете земји тврдат дека имаат околу 860 квадратни километри од Средоземното Море.

Амос Хохштајн, висок советник за енергетска безбедност во американскиот Стејт департмент, посредуваше меѓу двата соседа и го посети Бејрут во септември, изразувајќи оптимизам по состанокот со либанските водачи.

Претседателот на либанскиот парламент Набих Бери во интервју за весникот „Ашарк ал-Авсат” вчера рече дека предлогот „во принцип ги исполнува либанските барања”.

Либан се надева дека ќе започне со производство на гас во време кога се соочува со најголемата економска криза во модерната историја и кога три четвртини од населението на малата земја живее во сиромаштија.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот