Премиерната изведба на театарската претстава „Глад“ во режија на Хана Миленковска ќе се одржи во МКЦ

Плакат за претставата „Глад“ во продукција на „Атриум“

Во салата „25 Мај“ при Младинскиот културен центар во Скопје, на 5 декември (четврток), со почеток од 20 часот, ќе се одржи премиерната изведба на театарската претстава „Глад“.

Авторскиот тим составен од режисерката Хана Миленковска, драматургот Калија Киселички и композиторот Ади Имери, ја поставува драмата што се занимава со ненаситноста и гладта, од емоционална и физичка гледна точка. Делото се стреми да посочи дека циклусот на гладта не е изолиран, туку дека, всушност, претставува една вечна борба на човекот и колективите.

Актерите Лео Поповиќ, Дениз Ајдаревиќ, Марко Младеновиќ, Филип Миленкоски и Димитар Паскоски ќе претстават микрокосмос од сложени човечки емоции и односи, во мноштво од контексти, кои на драмско-музичка основа ќе ги доближат позициите на (над)моќ, страдание, заедништво и борбена истрајност во еден свет во кој изобилието го уживаат малкумина, додека пак, гладта непрестајно владее.

Од уметничката продукциска организација „Атриум“ упатуваат благодарност до тимот на соработници, илустраторката Матеја Николиќ, дизајнерот на светло Игор Митревски, кореографот Бобан Русески, снимателот и монтажер Исток Чаповски за нивниот придонес, како и до вклучените колективи од Младинскиот културен центар, „Лабораториум“ и ФДУ Скопје за отстапениот работен простор и придонес кон процесот.

Проектот е поддржан од Министерството за култура и туризам на Република Северна Македонија и ЕВН.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот