Срѓан Ивановиќ/ Фото: Слободен печат / Слободан Ѓуриќ

Премиере, конгресмените што ве поканија дали се тука, со нас, во собава?

Мицкоски кажа и дека целиот настан бил организиран од американски конгресмени. Чекај, чекај, па нели Доналд Трамп го повикал премиерот? Мислам така пишуваше на почетокот? А кои се тие конгресмени? Од кај се? Да не се тука, со нас, во собава? Не, нема врска, битно имаме селфи со Такер Карлсон и оној од Републиканската партија, како се викаше?

Навистина е тешко од информациите со кои располагаме да донесеме заклучок за тоа дали премиерот Христијан Мицкоски заедно со другите функционери од Македонија, во САД престојуваше службено или приватно?

Информациите се штури, а фактите нејасни. Но, предлагам да направиме една форензичко-хронолошка анализа, со цел да ја расветлиме малку ситуацијата.

Значи, најнапред јавните гласила прво ја објавија информацијата што дојде од кабинетот на премиерот, дека на покана на Доналд Трамп, Мицкоски ќе патува во САД на неговата инаугурација. Наеднаш започна беспоштедна битка на порталите во Македонија за што е можно покреативни „кликбејт“ наслови, најавуваќи ја „огромната дипломатска победа на инаку малата земја“, која е „предводена од премиерот кој единствен од регионот ќе присуствува на инаугурацијата на 47. претседател на САД“. Вистинско „седмо небо“ за нашата дипломатија, особено што рамо до рамо со Мицкоски, заминаа и министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски и вицепремиерот Меџити, а одвоено и претседателот на Собранието Африм Гаши. Во тие моменти на еуфорија никој не праша дали и тие двајца биле поканети од Трамп лично, а некои помислија дека поканата за Мицкоски е до толку недвосмислено силна, што тој може со себе да носи и другарчиња. Можеби и може.

Потоа почнаа да се редат фотографии од САД на Фејсбук. Сведочења за „десетици средби со луѓе од најблискиот периметар на претседателот Трамп“, па „средби со нашата, македонска дијаспора“. Тука почнува нов левел на паника во македонското новинарство, во обидот да се дешифрираат кои се, всушност, луѓето од „најблиското раководство на Трамп“? Што е работата? Ги знае ли некој? Имаат ли овие луѓе страница на Фејсбук? Овој ми личи на Маск, не, не е Маск, Рубио е? Да не е женско?

Но, сè се заборави кога се појави заедничка фотографија на нашиот премиер со познатиот новинар Такер Карлсон. Еј, Карлсон сите го знаеме од интервјуто со Владимир Путин. Па тој е вистинска ѕвезда! Неговите интервјуа на Твитер ги гледаат по 100 милиони луѓе. А ќе прави ли Карлсон интервју со Мицкоски? Да? Не, ааа нема да прави интервју. Нема врска, не е ни битно тоа. Битно е дека направил селфи со него.

Дека тоа не е сè, беше и галеријата на фотографии со која премиерот посведочи дека „во друштво на Мајкл Ватли, претседателот на Републиканската партија, од ВИП-ложата ги следи инаугуративните активности на американскиот претседател Доналд Ј. Трамп“. Е, во овој момент морам да признаам дека почна да ме јаде црвот. Зошто? Е, па, премиерот не рече инаугурација, туку инаугуративни активности. Исто е, ама не е исто. А црвот стана змија кога дознав дека на чинот на инаугурација одржан на Капитол хил, единствени странски политичари биле италијанската премиерка Џорџа Мелони, претседателот на Аргентина Милеи, како и заменикот на кинескиот претседател. Точно е дека немаше никого од регионот, но на инаугурацијата не присуствуваше ниту Мицкоски. Џабе, раните на душава не можеше да ми ги залечи ниту селфито на уморното лице на премиерот, направени на Магнолија Бејкери во Њујорк.

Го изгледав и интервјуто што го даде за јавниот сервис, кога кажа дека поради промената на начинот на инаугурацијата, причинета од временските услови, настанот бил поделен на повеќе делови. Тој не кажа, но јас си помислив дека Трамп во последен момент ја одбрал Мелони пред Мицкоски да биде со него во салата, од причини кои не се пристојни за јавно споделување.

Мицкоски кажа и дека целиот настан бил организиран од американски конгресмени. Чекај, чекај, па нели Доналд Трамп го повикал премиерот? Мислам така пишуваше на почетокот? А кои се тие конгресмени? Од кај се? Да не се тука, со нас, во собава? Не, нема везе, битно имаме селфи со Такер Карлсон и оној од Републиканската партија, како се викаше?

Ама и не треба до толку да сме строги со премиерот, бидејќи има и побетер. Еве според фотографиите што ги објавија од кабинетот Африм Гаши, тој како претседател на собранието, во Вашингтон остварил средба единствено со Арбен Таравари, актуелниот министер за здравство во Македонија.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот