Премиерата на краткиот филм „ПС Бусан“ на Саша Станишиќ ќе се одржи во „Котур“

Краткиот филм „ПС Бусан“ (PC Busan) во режија на Саша Станишиќ ќе има македонска премиера на 5 октомври (среда), во мултимедијалниот простор „Кафе и филм Котур“.

Проекцијата, по која ќе следи разговор со режисерот, е во рамки на четвртото издание на фестивалот на филм и музика „Ѕирни“, кој се случува од 1 до 10 октомври. Влезот е слободен по претходна резервација во „Кафе и филм Котур“.

Станува збор за филм во јужнокорејска продукција, којшто Станишиќ го направи за време на неговиот тринеделен резиденцијален престој во Бусан во 2019 година. Филмот е снимен на корејски јазик со целосно корејска екипа. Директор на фотографија е Чои Вонук, монтажер Ли Дон Мин, музиката е на Васана, а главните улоги ги толкуваат Ким Мин Ву, Парк Хо Чен, Џеонг Џи Јанг.

Главен лик во приказната е Гу, 40-годишен самец кој работи 60 часа неделно. Еднаш во неколку месеци тој има слободен ден, во кој конечно може да биде она што сака да биде. Во филмот Станишиќ одговара на прашањето што значи да се живее во голема и раздвижена азиска метропола, како што е Бусан, каде што новата технологија и старата традиција коегзистираат рамо до рамо. Во филмот режисерот покажува и уште еден виртуелен Бусан, каде неговите жители можат да побегнат од реалниот живот и да бидат тоа што сакаат.

Светската премиера на филмот се случила за време на третото издание на Интерсити фестивалот во Бусан.

Краткиот филм „ПС Бусан“ ќе се прикажува и како дел од ноемвриската програма на Кинотека на Севeрна Македонија од 15 ноември.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот