Премиера во Театар за деца и младинци: Приказна за важните нешта во животот

Во Театарот за деца и младинци на 26 декември премиерно ќе биде изведена претставата „Некој нека ми каже колку сум важен“, работена според приказната „Курт, Quo vadis?“ на норвешкиот писател Ерлeнд Лу, со драматизација на Милена Деполо и во режија на Слаѓана Килибарда.

Современиот норвешки писател Ерленд Лу напишал серија книги за деца, во кои главен јунак е возачот на виљушкар, Курт. Во оваа приказна, Курт, поради високите општествени кругови во кои се движи, станал несигурен во себе и со својот мал син тргнува во потрага на своето големо дело што ќе му помогне и тој да стане важен во своето опкружување. Преводот на делото е на Горјан Милошевски.

– Додека ја правевме оваа претстава, не сакавме да бидеме како некои „паметни големи луѓе“, кои ќе ги научат нешто децата. Инаку, децата се многу често многу попаметни и од нас, баш како Бад, кој има само неколку годинки, а е попаметен и од својот татко. Сакавме на децата да им раскажеме приказна и со нив да ги споделиме мислите, грижите и чувствата кои растеа во нас додека се дружевме со Ерленд Лу и неговиот главен јунак Курт – посочи драматургот Милена Деполо.

Во претставата играат Мики Анчевски, како Курт, заедно со Марија Ѓорѓијовска, Никола Наковски, Ненад Митевски и Ангела Димитрова, кои настапуваат со повеќе ликови. Сценографијата, костимографијата и дизајнот на кукли е на Благовеста Василева, кореографијата и сценските движења се на Валентино Апостоловски, изборот на музиката е на Слаѓана Килибарда, а асистент на сценографија е Кирил Василев. Претставата е наменета за деца на возраст од 6+.

– Во услови на пандемија воопшто не беше лесно да се направи претстава што трае 70 минути и која има сложени сценографија, костимографија и кукли. Чувството дека секој ден би можел да биде последен, односно дека во даден момент беше можно да биде прекинат целиот процес, воопшто не беше пријатно. Но, од друга страна, за сите нас беше огромен предизвик токму во овие услови да направиме нешто добро, претстава што по завршувањето на пандемијата на децата ќе им укаже на битните работи во нивното растење и созревање. Тоа што најмногу ме израдува во текот на работата на претставата се посветените и исклучително талентирани актери и актерки. Задоволството на работата со нив е мојот најубав новогодишен подарок – истакна режисерката Слаѓана Килибарда, во најава на премиерата на претставата „Некој нека ми каже колку сум важен“ во Театарот за деца и младинци во Скопје. Дизајнот на плакатот за претставата е на Емил Петро.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 62, во печатеното издание на „Слободен печат“ на 26-27 декември 2020)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот