Премиера на претставата „Хипноза на една љубов“ во Драмски театар: Голема победа на театарската уметност

Редуцираниот број публика со бурен аплауз ги испрати актерите од сцена по премиерната изведба на претставата „Хипноза на една љубов“, поставена по текст од Душан Ковачевиќ во режија на Димче Николовски во Драмскиот театар.

Упорноста на актерската, уметничката и техничката екипа на Драмски театар резултираше со премиерна изведба на претставата „Хипноза на една љубов“ на 12 ноември. Првите проби за претставата се случиле на 17 јануари и по десет месеци претставата е изведена со почитување на сите протоколи за заштита од коронавирусот и пред редуциран број публика. При режирањето на претставата било земено предвид да нема никаков контакт помеѓу актерите, а се почитува и протоколот за дистанца на сцената.

Според Катарина Коцевска Хаџи Василева, директорка на Драмски театар, текстот „Хипноза на една љубов“ од Душан Ковачевиќ досега бил изведен само во матичниот театар на авторот – Театар „Ѕвездара“ во Белград, каде што се игра со огромен успех. Текстот е напишан во стил на магична бајка, а во него, главно, се преплетуваат две теми – за иселувањето на младите во туѓина, каде се надеваат дека ќе најдат поубав живот, и за исконската желба на човекот да го запре стареењето, а со тоа и да ја избегне смртта. Во претставата се преплетени елементи на магичност, хипнотизираност, осаменост, тага и исконска љубов.

Актерската екипа во претставата ја сочинуваат Драган Спасов-Дац, Маја Вељковиќ Пановска, Соња Стамболџиоска, Ѓокица Лукаревски, Димитрије Доксевски и Филип Трајковиќ. Иако ковид-протоколите се сериозна пречка за нормално поставување и играње во театарска претстава, сите актерите храбро и умешно влегуваат во остварувањето на своите ликови.

Во уметничката реализација на претставата силен впечаток оставаат бајковитата сценографија на Тодор Дајевски, соодветната костимографија на Раде Василев, магичната музика на Александар Митевски и визуелните ефекти на Милчо Узунов. По премиерната изведба неизвесно е кога повторно ќе можеме да ја видиме претставата на репертоарот на Драмски театар, но самиот чин на нејзиното поставување е голема победа на театарската уметност во борбата со коронавирусот.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 56, во печатеното издание на „Слободен печат“ на 14-15 ноември 2020)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот