Премиера на нова серија: По младиот, следува „Новиот папа“

HBO

„Новиот папа“ продолжува таму каде што застана „Младиот папа“.

„Новиот папа“, продолжение на хит серијата „Младиот папа“, на оскаровецот Паоло Сорентино, ќе има премиера на 10 јануари на ХБО ГО, кога во понудата доаѓаат две епизоди. Серијата ќе се емитува и на ХБО каналот од 14 јануари во 20 часот.

„Новиот папа“ продолжува таму каде што застана „Младиот папа“. Пие XIII е во кома. Воиело успева да направи умерениот и софистициран англиски аристократ Сер Џон Бренокс да биде избран за папскиот престол, преземајќи го името Јован Павле III. Новиот папа изгледа совршено, но ги крие своите слабости и тајни. Тој веднаш сфаќа дека ќе биде тешко да се заземе местото на неговиот харизматичен претходник. Додека се наоѓа во Ватикан, Воиело се обидува да управува со црквата, која ја тресат скандали, па горните ешалони се во ризик засекогаш да бидат отстранети, а постојат и надворешни закани. Излегува дека Софија и Естер се многу поинакви одошто изгледаат, а кардиналот Гутиереш продолжува да се бори со своите контрадикции. Потоа, еден дел од верниците почнуваат да го идолизираат Пие XIII, кој почнува да испраќа чудни пораки од својот болнички кревет.

Режисер и сценарист на сите епизоди е оскаровецот Паоло Сорентино, заедно со Умберто Контарела и Стефано Бисес. Во главните улоги ќе ги гледаме Џад Ло и Џон Малкович. Од серијата „Младиот папа“ повторно ќе ги гледаме Силвио Орландо, Хавиер Камара, Сесил де Франс, Лудивин Сање и Маурисио Ломбарди. На веќе постоечката екипа им се придружуваат и Хенри Гудман, Улрих Томсен, Џилија Снигир и Масимо Џини. Во гостинските улоги, во текот на серијата, ќе ги видиме и Шерон Стоун и Мерилин Менсон.

„Младиот папа“ беше една од најуспешните, но воедно и најконтроверзни серии на продукцијата. Џад Ло го отелотвори младиот, атлетски граден понтифекс на Католичката црква, кој со чувство на светец се обидува да се справи со предизвиците со кои неговата античка организација се соочува во модерните текови на живеењето.

Не се открива дали тој ќе оздрави и ќе го напушти болничкиот кревет и какви последици ќе остави врз неговиот наследник, кој во меѓувреме заседна на тронот на „светата столица“.
Оваа серија се препорачува за сладокусците, кои тешко се решаваат своето внимание да го насочат кон одредени епизоди. Драматизацијата е извонредна, сценариото непредлидвиво, а тука е и неверојатно добрата интернационална екипа на актери, која му дава незаборавен шмек на целиот проект.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот