Преку претставата „Вернисаж“ режисерката Теа Беговска трага по вистинската слика на општеството

Драмскиот театар во Скопје ја најави својата најнова продукција. Станува збор за претставата „Вернисаж“ по текст на Вацлав Хавел во режија на Теа Беговска. Во претставата играат Роберт Вељановски, Предраг Павловски и Гордана Ендровска. Премиерната изведба е најавена за 15 јуни на малата сцена во Драмски театар.

– Текстот „Откривање“ или „Вернисаж“ на Вацлав Хавел е смешен коментар на маргинализираниот човек. Брачен пар кој е тотално заслепен, маѓепсан од материјализмот и консумеризмот на животниот век, кој ги прави и самите нив жртви на еден добро обмислен општествен систем. Конвенционален свет во кој дури и среќата е, на некој начин, организирана. Љубовта како највисока човечка свест е, исто така, организирана и однапред испланирана.

Нивниот нов „проект“ за конвенционализирање е пријателот кој им доаѓа на гости. Брачниот пар го „напаѓа“ со помпезно фалење и расфрлање со коментари за нивниот прекрасен живот и „откривање“ на нивните изложени антиквитети. Всушност, „Вернисаж“ е една „изложба“ на денешното човечко битие. Нивното откривање не престанува да биде смешно, а истовремено и апсурдно, бидејќи „нападот“ кон пријателот станува до тој степен агресивен, што и самата среќа за која зборуваат добива агресивна форма со која треба да се напаѓа, а потоа да се преработи.

Среќата како емоција овде е „изглумена“, преглумена, нема никакво суштинско и природно значење. А денес одредени емоции, меѓу кои и среќата, играат во интерес на креаторите на општествените состојби, и нивна основна задача е одржување на овие состојби. Во суштина, нивната главна улога е: маѓепсување, успивање, одржување на ниско ниво на свест кај сеопштата толпа. На овој начин се креира еден вештачки свет на вештачко однесување, вештачки начин на живот, вештачки брак. И во тој вештачки свет имаш само еден избор – да станеш и ти вештачки, ако сакаш да се вклопиш во тој систем. Главната парадигма е – вклопи се за да преживееш – открива режисерката Теа Беговска.

Прес-конференцијата се одржа на 13 јуни во Драмски театар

На прес-конференцијата на која беше најавена премиерата на претставата, Беговска објасни дека тоа што ја привлекло да го постави текстот на Вацлав Хавел, што бил напишан во 1973 година, е неговата актуелност и денес.

– Темата што ја обработува текстот се кристализира преку прашањето „Што е слободниот човек и дали тој денес постои?“ во еден конвенционален систем што се врти во магичен круг, сакајќи да го заслепи човекот во неговите разноразни емотивни состојби – рече Беговска.

За Беговска претставата „Вернисаж“ е режисерско деби на сцената на Драмски театар, а притоа имала прекрасен актерски процес на подготовка со врвно професионално ниво.

Актерката Гордана Ендровска истакна дека тоа што ја интригирало при креирањето на ликот било прашањето дали тоа што го пласираме надвор има соодветно покритие внатре, во душата на човекот, и дали со тоа што го носиме надвор го покажуваме сето она што е внатре во нас.

Актерот Предраг Павловски посочи дека овој формат на претстави дава можност да се состави колективна игра и да се создаде колективен дух во претставата, а бил пријатно изненаден што младата режисерка Беговска, со која првпат соработува, имала точен и прецизен пристап во текот на подготовката на претставата.

Актерот Роберт Вељановски се потсети на претставата „Питачка опера“ од Вацлав Хавел, која во режија на Горан Тренчовски била поставена на сцената на Драмски театар во 1997 година, а на големо задоволство на екипата, тогашниот претседател на Чешката Република, Вацлав Хавел, бил гостин на премиерата. Во однос на новата претстава, Вељановски направи споредба на времето кога е напишан текстот и времето денес.

– Она што во 1973 година Вацлав Хавел го напишал како негов отпор во едно поинакво време, кога владеело едноумие во тогашната Чехословачка, за жал, е актуелно и денес. Оваа претстава говори за слободата и за правото на избор на човекот. За жал, живееме во свет во којшто сѐ е или црно или бело. Дури не можеме да се најдеме во некоја сива варијанта. Претставата говори за правото на избор, за кое мислам дека објективно не постои во денешниот свет. Претставата ги отвора прашањата за слободата на индивидуата и сите можни репресии коишто системот или човекот, ние, ги правиме врз сите оние што се неистомисленици со нас – рече Вељановски.

Во однос на работата со Теа Беговска, Вељановски истакна дека таа прво била талентирана актерка, а сега како режисерка нејзиниот пристап е питом, со јасна мисла и со добра презентација на тоа што го бара од актерите.

Преку претставата „Вернисаж“ режисерката Теа Беговска трага по вистинската слика на општеството. Преводот на текстот е на Никола Маџиров, сценографијата на Енес Деари, визуализација и анимации подготви Милчо Узунов, композитор на музиката е Енес Беговски, а костимографијата е на Раде Василев. Премиерата на претставата е на 15 јуни, а првата реприза е закажана за 16 јуни во Драмски театар во Скопје.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот