Преку МСИП потпишани договори за изградба на улици, водоводи, набавка на механизација во 12 општини – Слободен печат
ВестиЕкономија

Преку МСИП потпишани договори за изградба на улици, водоводи, набавка на механизација во 12 општини

Од вкупните средства, 136,8 милиони денари се заеми по исклучително поволни каматни, под 1%, додека 28 милиони се грант средства за општините.

На 12 општини денеска им се ставени на располагање 165 милиони денари преку Проектот за подобрување на општински услуги-МСИП, кој го спроведува Министерството за финансии со поддршка на Светска банка. Средствата ќе се користат за изградба на локални улици, водоводи, реновирање градинка, набавка на механизација и изградба на скејт парк.

Заменик министерката за финансии Ширет Елези денес потпиша договори со градоначалниците на општините Тетово, Кочани, Делчево, Брвеница, Бутел, Дебрца, Илинден, Кисела Вода, Гази Баба, Гевгелија и Чешиново Облешево.

Од вкупните средства, 136,8 милиони денари се заеми по исклучително поволни каматни, под 1%, додека 28 милиони се грант средства за општините.

– Со спроведување на овие проекти жителите на овие 12 општини ќе добијат подобри општински услуги. Како што гледате тука има општини од сите региони. Проектот за подобрување на општинските услуги ја има токму таа цел – преку заеми, но и грант средства да стимулира вложување во капитални проекти, кои ќе ги подобрат условите за живот во сите општини во земјава.

Заеми преку Проектот за подобрување на општински услуги добиваат општините Тетово, Кочани и Делчево. Истите ќе се искористат за изграда на булевар и улици.Во Тетово со заемот од 60,6 милиони денари ќе се продолжи булеварот „Видое Смилевски Бато”, кој е главна комуникациска артерија за товарниот сообраќај кој од Скопје, Тетово и Гостивар се движи кон граничниот премин.

Во Кочани со 43,9 милиони денари ќе се изградат или ќе се финализира изградбата на 11 улици, од кои шест се во урбаниот дел, додека пет се лоцирани во руралниот дел, во селата Тркање и Оризари. Во Делчево со 32,3 милиони денари ќе се изврши реконструкција на две постојни улици и една земјена улици во градот.

Градоначалничката на Тетово Теута Арифи истакна дека проектот кој ќе се реализира во нејзината општина – продолжување на булеварот „Видое Смилевски-Бато”, е од исклучително змначење за сите граѓани од Полошкиот регион.

– Секоја општина мора да биде кредитноспособна за да може да аплицира за вакви проекти. Реализацијата на ваквите проекти ги подобрува општинските услуги кои се даваат на граѓаните, а со тоа се обезбедуваат подобри услови за живот во општините – рече Арифи.

Грант средства добиваат општините Брвеница, Бутел, Дебрца, Гостивар, Илинден, Кисела Вода, Гази Баба, Гевгелија и Чешиново Облешево. Тие ќе се искористат за изградба на водоводи, изградба на скејт парк, обнова на градинка, набавка на механизација и улично осветлување. Гази Баба грантот од 5,13 милиони денари ќе го искористи за „Изградба на примарна и секундарна водоводна мрежа за село Раштак – крак 1 и крак 7 во долна зона”.

Општина Кисела Вода со грант средства во висина од 4,74 милиони денари ќе изврши енергетска обнова на  градинката “Весели Цветови – објект Мимоза”. Гевгелија со грант средства во износ од 4,17 милиони денари ќе изгради водоводна мрежа во должина од 1,7 километри во населбата Караорман. Бутел со грантот од 3,66 милиони денари ќе ги искористи за набавка на специјална машина – метлачка.

Брвеница со грант од 3 милиони денари, исто така ќе набави механизација за спроведување на општински услуги. Илинден добива грант од 2,9 милиони денари со кои ќе изгради дел од скејт парк. Гостивар добива грант од 2,6 милиони денари со кои ќе набави возило за одржување на улични светилки.

Грант во износ од 1,5 милиони денари добива и Чешиново Облешево со кои ќе набави возило и механизација. Општина Дебрца пак добива грант од 336 илјади денари со кои ќе набави компјутерска опрема за општината.

Градоначалникот на општината Гази Баба Борис Георгиевски рече дека со спроведувањето на проектот за изградба на примарна и секундарна водоводна мрежа во село Раштак ќе се реши проблемот со водоснабдување таму. Тој посочи дека преку вакви локални проекти се подобруваат условите за живеење на граѓаните во општините.

Инаку, вкупниот износ на Проектот за подобрување на општинските услуги, кој Министерството за финансии го спроведува со поддршка на Светска банка и Европска Комисија достигна 100 милиони евра.

Со овие средства беа финансирани над 230 капитални проекти досега во сите општини во земјава, како изградба на локални улици, градинки, училишта, водоводи и канализации и други проекти.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Слободен Печат значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени на сајтот.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Close